Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Будимпешта во рамки на унгарско-македонскиот владин самит ќе оствари средба со неговиот домаќин унгарскиот премиер Виктор Орбан. Согласно агендата, предвидена е тет-а-тет средба меѓу Мицкоски и унгарскиот премиер Орбан. Ќе се одржат и билатерални средби меѓу ресорните министри, по што ќе следи и заедничка седница на двете влади.
По завршување на меѓувладината седница заедничка прес-конференција ќе одржат двајцата премиери.
Владиниот самит започна вчера со средбата на министрите за надворешна политика и трговија Тимчо Муцунски и Петер Сијарто. Сијарто уште еднаш ја потенцира поддршката што Унгарија и ја дава на нашата земја за зачленување во ЕУ, и обвини дека „голем број држави лицемерно се однесуваат“.
-Постојано слушаме дека одлуката за членство во ЕУ треба да биде заснована на заслуги и Унгарија се согласува со тоа, но овој принцип треба да се применува кон сите. Не може да се смета за заслуга ако има несогласувања меѓу држава земја членка на ЕУ и земја кандидат. Како што видовте ние секогаш сме се залагале за полноправно членство на Република Северна Македонија во ЕУ – рече Сијарто.
Во однос на евроинтеграциите Муцунски оцени дека земјата се наоѓа на клучен крстопат бидејќи и покрај донесените бројни тешки и невообичаени одлуки, со надеж дека ќе го оствариме сонот за приклучување кон европското семејство, ние се уште сме во чекалната на ЕУ.
-По сите тешки отстапки од наша страна и долгогодишните ветувања од европските партнери, сè уште се наоѓаме во чекалната, а пред нас е неизвесен пат, условен со уставни измени и низа други билатерални барања наметнати од нашиот сосед, Бугарија. Без оглед на сериозните предизвици со кои се соочуваме, сакаме да веруваме дека со максимално искористување на нашите политички и дипломатски капацитети, реално е остварлива целта што Европа ја поставува – до 2030 година да станеме рамноправен член на заедничкото, демократско и просперитетно европско семејство – рече Муцунски.
Двајцата министри се осврнаа и на конфликтот во Украина и обидите за негово решавање од новата аминистрација на САД. Сијарто нагласи дека двете земји се за мир во Украина што го покажале со поддршката на Резолуцијата на САД во ОН.
– Ние и Република Северна Македонија сме на страната на мирот. Го поддржуваме претседателот Трамп и исто така успехот на американско-руските разговори бидејќи јасно гледаме дека мирот може да се постигне само преку американско-руски договор. Македонците и Унгарците сме заинтересирани за враќањето на мирот и тоа го покажува нашата соработка од минатата недела во ОН кога ја поддржавме Резолуцијата на САД. На крајот беше усвоен предлогот на САД – рече Сијарто на заедничката прес-конференција во Будимпешта.
Потенцира дека враќањето на мирот не е во интерес само на Северна Македонија и на Унгарија, туку на сите бидејќи, како што рече, зајакнувањето на економијата на државите и на ЕУ зависи од мирот и од проширувањето на ЕУ во правец кон Западен Балкан.
Муцунски, пак, подвлече дека секој што мисли дека може да се најде решение за војна и конфликт со геостратешки импликации без учество на Соединетите Американски Држави има несериозен и неискрен пристап кон конфликтот при тоа нагласи дека надворешната политика на земјава се базира на три константи.
-Нашата надворешна политика како држава има три константи – нашето полноправно членство во НАТО и да останеме кредибилен партнер во НАТО, нашата 100 процентна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и нашето стратешко партнерство со САД. Пред сѐ и над сѐ, во тој контекст е македонскиот национален интерес, и затоа повторувам дека сето ова што го правиме, сите одлуки што ги носиме се вклопени во таа рамка и се усогласени со нашите национални интереси – нагласи Муцунски.
Тој потенцира и дека годинава двете земји одбележуваат три децении од воспоставувањето на дипломатските односи со извонредни достигнувања – Унгарија е еден од нашите 10 најголеми трговски партнери и најголеми странски инвеститори во нашата држава.
-Силно сум убеден дека и во годините што следат ќе го задржиме континуитетот на одличната партнерска и пријателска соработка, на секое ниво и во сите области од заеднички интерес – вели Муцунски.
Двајцата министри вчера потпишаа акциски план за размена на експертиза на меѓусебно договорени теми за интеграција во ЕУ.
Ова е втора заедничка седница на владите на двете земји. Премиерите Мицкоски и Орбан ги предводеа владините делегации на заедничката меѓувладина седница што се одржа во септември лани во Охрид, на која беше потврдено стратешкото сојузништво меѓу двете земји и реафирмирана силната унгарска поддршка за нашата евроинтеграција.