Фото: ЕПА

Српското Министерство за надворешни работи соопшти дека со загриженост ги следи изјавите и најавите на одредени функционери во регионот во врска со потпишувањето и проширувањето на билатералните договори за воена соработка, предупредувајќи дека ваквите потези би можеле да предизвикаат нови тензии на Балканот.

– Србија потсетува дека целиот Балкан останува чувствителна постконфликтна област во која зачувувањето на мирот и стабилноста е од суштинско значење, како за земјите од регионот, така и за Европа како целина – се вели во соопштението.

Министерството нагласува дека секој недоволно транспарентен потег што би можел да се протолкува како создавање воени блокови или сојузи насочени против трети страни само ги продлабочува поделбите и ја поткопува довербата. „Недостатокот на транспарентност и отсуството на нормални консултации во врска со ваквите договори поттикнуваат атмосфера на недоверба, што е спротивно на европските вредности на дијалог, предвидливост и меѓусебно почитување“.

Исто така, се истакнува дека некои од земјите што склучуваат вакви договори се веќе членки на НАТО, што покренува прашања за вистинските мотиви и политичката симболика на овие договори.

– Не ги разбираме причините за исклучување на одредени земји од ваквите форми на соработка – нагласи Министерството.

Како вистински пат за зајакнување на довербата и соработката во регионот, Србија предлага инвестирање во механизми за заедничка обука, цивилна заштита и координиран одговор на вонредни состојби – како што се поплави, пожари и земјотреси – што би донело конкретни придобивки за сите граѓани.

– Србија останува цврсто посветена на мирот, стабилноста и соработката во регионот и очекува сите партнери да дејствуваат одговорно во овој дух, почитувајќи ги легитимните интереси на сите страни – заклучи Министерството за надворешни работи на Србија во соопштението.