Србија и Русија се согласија да го продолжат договорот со кој Белград добива руски природен гас по намалена цена, соопшти денеска српскиот оператор на мрежата, и покрај загриженоста на ЕУ.
Москва ја снабдува Србија со најголемиот дел од својот гас, а Белград плаќа само 275 долари за 1.000 кубни метри според тековниот договор со Москва. Цената е далеку пониска од моменталната пазарна цена во Европа.
Со Анекс на договор, според директорот на Србијагас, Душан Бајатовиќ, продолжени се истите услови што Србија ги имаше досега и тој ќе важи од 1 јуни до 30 септември.
– Со тоа обезбедивме шест милиони метри кубно дневно гас по нафтена формула. Ценовно гледано, тоа е околу 290 евра, а сега моментно на берзата ТТФ гас за купување е 360 евра за 1.000 метри кубни. Тоа значи дека имаме добар договор – изјави Бајатовиќ за РТС. Тој најави дека нема да има поскапување за домаќинствата, а стопанствениците можат да очекуваат и поволна цена.
Договорот дојде по разговорите меѓу претседателот Александар Вучиќ и рускиот лидер Владимир Путин во Москва претходно овој месец.