Фото: Пекселс

Професорот на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Белград, д-р Ѓуро Мацут, е предложен за мандатар за состав на новата Влада на Србија, што треба да биде избрана најдоцна до 18 април, кога истекува законскиот рок, а за нејзин избор треба да гласаат мнозинството од вкупниот број пратеници, јави дописникот на МИА од Белград.
Белградски медиуми пренесоа денеска негов став дека – нема да дава изјави за плановите за работата на новата влада се до неговото експозе во Парламентот, кое се уште не е закажано.

Одлуката на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кандидат за премиер на Србија да биде Мацут, е доставена денеска до Народното собрание кое треба да закаже посебна седница, предвидена во Деловникот на Парламентот, на која претставникот ќе го образложи предлогот за членови на својот кабинет и ќе ги презентира планот и програмата на новата влада.
Предлогот на кандидатот за премиер претседателот на Собранието на Србија го доставува до пратениците веднаш по приемот. Кога претставникот ќе го изнесе излагањето и ќе го предложи составот на новата влада пред пратениците, се отвора дискусија за кандидатот, презентираната програма и кандидатите за членови на Владата.
По завршувањето на расправата,претседателот на Собранието закажува ден за гласање на владината програма и избор на претседател и членови на Владата.

Владата се избира доколку за нејзиниот избор гласало мнозинството од вкупниот број пратеници, односно најмалку 126.

По изборот на владата, претседателот и членовите на Владата полагаат заклетва пред пратениците, со што почнува мандатот на новата влада.

Вучиќ вчера во обраќање рече дека новата влада ќе биде избрана до Велики петок.
Српскиот парламент на 19 март ја констатираше оставката на премиерот Милош Вучевиќ, по што започна рокот од 30 дена за избор на нова влада.

Вучевиќ на 28 јануари поднесе неотповиклива оставка од таа функција, по напад врз студенти во блокада во Нови Сад. Доколку до 18 април на полноќ не се избере нова влада, претседателот на Републиката е должен да го распушти Собранието и да распише избори, кои, според законот, би се одржале на почетокот на јуни.