Србија не може да седи на две столчиња, изјави специјалниот пратеник на германската влада за Западен Балкан, Мануел Саразин, говорејќи за наклонетоста на српските власти кон Русија. Пред да пристигне во Белград, Саразин изјави дека општеството во Србија е поблиску до Германија и ЕУ во економска и политичка смисла, отколку до Русија, пренесува „Ал џезира“.
– Нашата финансиска поддршка и инвестиции се поголеми. Заинтересирани сме и за економскиот и социјалниот развој на оваа земја. Разбирливо е дека средствата што ги даваме и нашиот ангажман во земјите кандидати се поголеми отколку во земјите, кои, на пример, се дел од источното партнерство – изјави Саразин за белградскиот весник „Данас“.
Специјалниот пратеник на Германија истакна дека е сосема јасно оти по руската инвазија на Украина, проруската позиција е неспојлива со статусот на кандидат за ЕУ.
– Не можете да седите на две столчиња што се оддалечени со километри. Освен тоа, мислам дека Србија многу добро знае дека е во нејзин интерес што побргу да се ослободи од сите зависности од бескрупулозниот режим. Се разбира, има реперкусии врз одлуките на економските субјекти дали земјата неповратно ја следи европската насока или не. Станува збор за процена на придобивките и ризиците. Од почетокот на руската инвазија на Украина бизнисмените се прашуваат дали Србија како инвестициска дестинација се приклучила кон европските ставови и дали тоа ќе го прави во иднина. Затоа е клучно Србија сега да заземе свој став – порача Саразин.