Нова рунда од дијалогот Белград-Приштина
Во Брисел изминатите два дена се одржа нова рудна преговори во рамките на дијалогот Белград-Приштина, кој се води со посредство на ЕУ. Тоа беше првото учество на Петер Соренсен како посредник, откако ја презеде функцијата од Мирослав Лајчак во почетокот на февруари.
Првиот ден, дијалогот (завчера) се водеше со косовската делегација, а вчера и со српската. Заменик-премиерот на Косово во технички мандат, Бесник Бислими, изјави дека на средбата со претставникот на Европската Унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Петер Соренсен, станало збор за следните фази од дијалогот.
Како што пренесе „Бета“, тој рече дека било планирано да се одржи трилатерална средба, но тоа не се случило бидејќи тимот од Србија доцнел.
– Отворивме низа теми за кои сметаме дека е многу важно да добиеме одговори од Брисел или решенија. Имаме случај на интегрирано управување со границите каде што има големи доцнења од страна на Србија. Тие доцнат со исполнувањето на нивните обврски, како што се трите гранични точки, кои требаше да ги изградат, а иста е ситуацијата и кога станува збор за одговорот на нашите предлози да се отворат сезонски премини во Бујановац и Брезница во време кога дијаспората се враќа – изјави Бислими.
Делегацијата од Белград ја предводеше директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петер Петковиќ.
Дијалогот требаше да продолжи на 15 јануари, но Петковиќ ги прекина и ги напушти разговорите поради затворањето голем број српски институции во Косово, по упадот на косовската полиција во објекти на поштата во Грачаница, како и во Косово Поле, Липљан и други места јужно од Ибар. Р.С.