Косовскиот премиер Албин Курти денеска изјави дека средбата во Брисел не дала резултати поради условувањата од Србија и поддршката за предлогот на претставникот на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак, прво да се формира Заедница на општини со мнозинско српско население како предуслов за реализација на други договори.
Курти на прес-конференцијата рече дека на средбата дал предлог за следните чекори во спроведувањето на Договорот од Брисел и од Охрид, бидејќи српската страна немала никаков предлог. Тој додаде дека како премиер на Косово не може да го прифати предлогот на Србија да започне прво со формирање на Заедницата, како предуслов за спроведување на другите договори.
– Од 39 договори не може да се избере само еден и да се стави колата пред коњот – рече Курти.
Тој неколкупати повтори дека претседателот на Србија Александар Вучиќ не дал никаков предлог на средбата и затоа средбата завршила без резултати, додавајќи дека компромис не може да има, бидејќи според него, не може да има компромис меѓу предлогот и редоследот на чекорите во спроведувањето на бриселскиот и охридскиот договор и стариот услов – ЗСО.
Тој рече дека во оваа прилика ја повторува подготвеноста без никакви предуслови да ги применува договорите од Брисел и Охрид.