БиХ
Советот за безбедност на Обединетите нации одржа полугодишна дебата за Босна и Херцеговина и за време на седницата ѝ го продолжи мандатот на мисијата на ЕУФОР во БиХ, „Алтеа“, за уште една година, за што, според Срна, гласаа сите 15 земји членки.
– Операцијата на мисијата на ЕУФОР, „Алтеа“, покажа дека игра важна улога во гарантирањето мирна средина, обезбедувањето безбедност на населението и одвраќањето на потенцијалните дестабилизирачки чекори – рече францускиот заменик-амбасадор во ОН, Џеј Дармадикари.
Дармадикари повтори дека Франција ги поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на БиХ, истакнувајќи дека тие „и понатаму се загрижени“, обвинувајќи ги властите на Република Српска за наводни дејствија, кои претставуваат закана за суверенитетот и територијалниот интегритет на БиХ. Тој нагласи дека одлуката за почеток на преговори со БиХ за пристапувањето во ЕУ е јасен сигнал дека местото на БиХ е во Унијата, како и дека има можност за напредок на тој пат.
Словенечкиот амбасадор во ОН, Самуел Жбогар, истакна дека Љубљана е посветена на перспективата на БиХ на патот кон членство во ЕУ и ги повика политичките лидери во БиХ да ги зголемат напорите во спроведувањето на реформската агенда.
Постојаниот претставник на Русија во ОН, Василиј Небензја, пак, изјави дека извештајот на Владата на Република Српска реално ја отсликува состојбата на терен.
– Иднината на Босна и Херцеговина треба да биде во рацете на народот на Босна и Херцеговина – рече Небензја, оценувајќи дека целта на Западот е централизација на Босна и Херцеговина, а како одговор на сите проблеми се наведуваат евроатлантските интеграции.
Тој посочи дека го поддржува продолжувањето на мандатот на мисијата на ЕУФОР, „Алтеа“, и нагласи дека Москва тргнува од гледна точка дека мисијата не се меша во внатрешните процеси во Босна и Херцеговина.
Заменик-амбасадорот на Кина во Советот за безбедност на ОН, Генг Шунаг, рече дека меѓународната заедница треба да се воздржи од заземање страна во БиХ, наметнување решенија и воведување еднострани санкции, а со тоа да се меша во внатрешните работи на БиХ. Тој изјави дека Кина се надева дека мирот и стабилноста ќе се одржат во БиХ и дека ќе се забрза интеграцијата во ЕУ. Тој ги повика сите народи во БиХ да се вклучат во дијалогот, да градат меѓусебна доверба и заеднички да ги бранат политичката и социјалната стабилност. Р.С.