Бугарија
- Според најавите на заедничкиот проект на германскиот производител на оружје „Рајнметал“ и бугарската влада, чиј почеток беше објавен вчера, Бугарија ќе стане центар на индустријата за вооружување за цела Европа преку создавање на една од најмодерните фабрики за барут и муниција во светот
Бугарија отворено им ја става на располагање својата воено-наменска индустрија на европските либерални елити, со цел остварување на нивните планови за масовна милитаризација на Европа, со што обезбедува наклоност од лидерите на Европската Унија. Потврда за ваквиот однос претставува напредувањето на соработката на Софија со германскиот производител на оружје „Рајнметал“, со најавени амбициозни проекти за вооружување на Европа.
Бугарија има амбиција да стане центар на индустријата за вооружување за цела Европа преку создавање на една од најмодерните фабрики за барут и муниција во светот. Таква најава во јавноста дадоа и германската компанија „Рајнметал“ и бугарската влада, чиј почеток беше објавен вчера. Предвидено е фабриката да има годишен производствен капацитет од 100 илјади артилериски гранати од 155 милиметри што ќе се извезуваат во текот на следните 10 години.
– На Европската Унија и на НАТО им се потребни милиони вакви гранати, а според нашите пресметки, на Алијансата ќе ѝ бидат потребни околу 50 милиони – истакна извршниот директор на „Рајнметал“, Армин Папергер, изнесувајќи пофалби за напорите што ги вложила Бугарија за овозможување на соработката, која почнала на Минхенската безбедносна конференција одржана на 14 и 15 февруари.
Папегер додаде дека заедничкиот проект со Бугарија е само почеток и дека „Рајнметал“ планира да направи дополнителни инвестиции во земјата.
Улогата на воено-наменската индустрија на Бугарија за вооружување на Украина и за Европската Унија беше истакната од страна на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, при нејзината посета на најголемиот државен производител на оружје во Бугарија, „ВМЗ Сопот“, во септември.
Обиколката на Фон дер Лајен на бугарскиот државен производител на оружје дојде веднаш по најавата на „Рајнметал“ за изградба на две нови фабрики во Бугарија, вклучувајќи и проширување на објектите во Сопот, за да ја воспостави земјата како „најголем производител на барут во Европа“. При вчерашната посета на директорот на „Рајнметал“ на Софија беше истакнато дека Бугарија има висококвалификувани специјалисти, што ја прави погодна за развој на индустриски и технолошки капацитети во индустријата за оружје.
За време на Студената војна, Бугарија се позиционираше како еден од главните производители на оружје на Варшавскиот пакт, специјализиран за стрелачко оружје, муниција и лесни оклопни возила. Но распадот на Советскиот Сојуз го доведе секторот во стрмен пад, затворајќи повеќе државни фабрики. Војната во Украина ја реактивираше воено-наменската индустрија на Бугарија, претворајќи ја земјата во клучен снабдувач на муниција по советски стандард за Киев, со тоа оживувајќи ги некогаш неактивните постројки и региони. Р.С.


































