Минатата година, пред да се повлече од платниот промет националната валута – куната, во Хрватска имало над 1.000 овластени менувачници, а овој месец нивниот број изнесува 309. Наедно е намален и прометот на менувачниците, кои во првите шест месеци годинава оствариле само осум отсто од прометот остварен во 2022 година
Воведувањето на еврото во Хрватска влијаеше и на намалување на бројот на правните лица што вршат менувачки работи. Минатата година, пред да се повлече од платниот промет националната валута, куната, во Хрватска имало над 1.000 овластени менувачници, а овој месец нивниот број изнесува 309. Наедно е намален и прометот на менувачниците, кои во првите шест месеци годинава оствариле само осум отсто од прометот остварен во 2022 година. Најмногу менувачници има во Загреб и во местата на хрватското приморје. На менувачкиот пазар во земјата главно се задржаа субјектите, на кои тоа им е дополнителна дејност. Тоа се, пред сѐ, фирмите во туристичкиот сектор. Од Народната банка на Хрватска велат дека овластувањата за вршење менувачки работи ги задржале трговските друштва што управуваат со хотели, марини, кампови или фирми за приредување игра на среќа. На другите овластени менувачници оваа летна сезона ќе им биде показател дали ќе им се исплати да продолжат со овој вид финансиски услуги.
Бројот на правните лица со одобрување за вршење менувачки работи во Хрватска во претходните три години беше над една илјада или поточно 1.080 правни лица. На први април 2023 година престанаа да важат 711 одобрувања. Поради промените во законот, заинтересираните менувачници требаше да достават договор до Народната банка на Хрватска за користење заштитна програма што се базира на еврото, за што се издава и посебен сертификат. По стапувањето во сила и на Законот за девизно работење, до 14 август годинава биле издадени само 309 одобрувања, велат од Централната банка на Хрватска.
Освен намалениот број овластени менувачници и нивни продажни места се забележува и остар пад на прометот. Од јануари до јуни годинава е остварен помал промет од 90 отсто од прометот во истиот период минатата година. По воведувањето на еврото, најмногу менувачки трансакции се однесуваат на американскиот долар, кој учествува со 50 отсто од вкупно извршените менувачки трансакции. Следуваат швајцарскиот франк, конвертибилната марка од Босна и Херцеговина, британската фунта, австралискиот долар, канадскиот долар и украинската форинта. Најголем пораст во јуни имало за конверзијата на шведските круни.
Беше јасно дека со воведувањето на еврото ќе има одраз и на менувачкиот пазар во Хрватска, затоа што 90 отсто од конверзиите се однесуваа на замената на евра во куни. Според минатогодишната процена на ХНБ, само 150 овластени менувачници можат да опстанат по воведувањето на еврото, што би било намалување за 80 отсто од бројот на менувачниците што работеа во јуни 2022 година. Намалениот остварен промет годинава ќе го продолжи трендот и на затворање на дел од постојните менувачници во Хрватска. Загубата за банките и менувачниците од менувачките работи, според претходните процени, би изнесувал 1,2 милијарда куни годишно. Но затоа во овој износ се намалуваат и трошоците за компаниите, кои веќе не ќе мораат да вршат конверзија на приходот остварен во евра.
Ангел Митревски, специјално за „Нова Македонија“ од Хрватска