Сѐ повеќе земји во светот, меѓу нив и Србија, ги забрануваат или се подготвуваат да ги забранат мобилните телефони во училиштата. Како главни причини тие ги наведуваат падот на детската писменост, нарушувањето на часовите и дигиталното насилство. Дури и општиот пад на достигнувањата на ПИСА-тестот е поврзан со прекумерната употреба на мобилни телефони
Србија
Институтот за евалуација на квалитетот на образованието во Србија неодамна издаде упатство за користење мобилни телефони за време на престојот во училиштата. Дали учениците ќе можат да користат мобилни телефони на училиште во Србија останува на одлуката на самите образовни институции, кои треба да донесат интерни акти за да ја регулираат оваа област. Забраната за користење мобилни телефони за време на наставата првпат беше воведена во претходната учебна година од некои образовни институции во Нови Пазар, Прокупље, Пожаревац, Вршац, Суботица и Белград. Директорите на училиштата велат дека се презадоволни од тоа што учениците почнале да се дружат меѓу себе, да разговараат и дека повеќе се фокусирани на наставата, бидејќи нема дигитални уреди што им го одвлекуваат вниманието.
Во основното училиште „Мур“ во Нови Пазар уште минатата учебна година беа забранети мобилни телефони за учениците и наставниците за време на наставата. Телефоните се оставаат во шкафчиња, кои се заклучуваат пред почетокот на наставата, а се вадат само кога ќе заврши последниот час, кога ќе си одат дома. Директорот на училиштето, Ирфан Љајиќ, за „Еуроњуз Србија“ вели дека сите се презадоволни од постигнатото, од тоа што учениците брзо се навикнале на новите правила.
– Два-три дена кај некои ученици имаше негодување, но и тие се навикнаа. Сега децата се максимално активни во сите паралелки, повеќе време поминуваат на одмори. Претходно максимално избегнуваа часови по физичко. Сега, кога немаат мобилни телефони, им е досадно да седат на клупа и сите прават вежби, си играат со топката – изјави Љајиќ.
Институтот за евалуација на квалитетот на образованието и образованието на Србија издаде упатство за употреба на мобилни телефони во училиштата.
Секое училиште мора да има правилник за употреба на мобилни телефони и електронски уреди и други средства. Мобилните телефони мора да бидат исклучени и не смеат да се користат за време на часовите без одобрение од наставникот. Повиците (преку телефон/интернет) не смеат да се упатуваат за време на часот. Учениците што имаат итен случај може да се јават дома со одобрение од наставникот, се вели во упатството.
Сѐ повеќе земји во светот ги забрануваат или се подготвуваат да ги забранат мобилните телефони во училиштата. Како главни причини тие ги наведуваат падот на детската писменост, нарушувањето на часовите и дигиталното насилство. Дури и општиот пад на достигнувањата на ПИСА е поврзан со прекумерната употреба на мобилни телефони.
Во тестот ПИСА 2022, чии резултати неодамна беа објавени, забележан е пад на постигнатите резултати кај повеќето земји учеснички. Споредено со 2018 година, перформансите во земјите на ОЕЦД паднале за 10 поени во читањето и за речиси 15 поени во математиката. Дури пет земји на ОЕЦД имаа пад на перформансите по математика за 25 или повеќе поени. Германија, Исланд, Холандија, Норвешка и Полска забележаа особено остар пад на резултатите по математика, соопшти ОЕЦД.
Во просек, секој четврти 15-годишник има слаби резултати по математика, читање и природни науки, што значи дека не може да користи основни алгоритми или да толкува едноставни текстови, покажа истражувањето. Слабите резултати обично се поврзуваат со повисоки стапки на користење на мобилните телефони за време на слободното време и каде што училиштата пријавиле недостиг од наставници.
Врз основа на анализа на 200 образовни системи низ светот, УНЕСКО проценува дека една од шест земји ги забранила паметните телефони во училиштата или преку закони или регулативи. Меѓу нив е Франција, која го воведе правилото во 2018 година, како и Холандија, каде што одлуката ќе стапи во сила во 2024 година.
Според објавениот труд, постојат докази дека прекумерната употреба на мобилни телефони ги намалува образовните перформанси и дека поминувањето премногу време пред екран може да има негативни ефекти врз емоционалната стабилност на децата.
Неодамна, Владата на Нов Зеланд објави дека ќе ја забрани употребата на мобилни телефони во училиштата поради загрижувачкиот пад на писменоста на учениците
Повеќе од една третина од петнаесетгодишните едвај знаат да читаат или да пишуваат. М.Р.Ј.