Фото: Маја Јаневска-Илиева

Српскиот претседател успеа да го склучи договорот за снабдување на Европската Унија со литиум од Србија, кој ѝ е потребен на Европа во иднина како клучен стратегиски минерал при производство на делови за напојување на електричните возила. Но, притоа, некои сили разбудија масовно движење во Србија против големиот рударски проект што беше прифатен со олеснување и од Брисел и од Берлин

ПРОДОЛЖУВА САГАТА ПОВРЗАНА СО ДРЖАВНИОТ ПРОЕКТ ЗА ИСКОПУВАЊЕ ЛИТИУМ ВО СРБИЈА

Српскиот претседател Александар Вучиќ успеа да го заклучи договорот за снабдување на Европската Унија со литиум од Србија, кој ѝ е потребен на Европа за напојување на електричните возила во иднина. Но, притоа, некои политички опоненти го искористија тој потег за организирање масовно движење (наводно против големиот рударски проект), а во основа против актуелното српско државно раководство и особено против претседателот на Србија.
– Тоа е дел од хибридниот пристап на спроведување шарени револуции – им рече Вучиќ на новинарите, велејќи дека неговото предупредување за можен државен удар се заснова на сензитивни безбедносни информации добиени од Русија.

Српската власт и „активистите за заштита на животната средина“
на две различни страни

Критичарите на српскиот претседател и на ископот на литиум всушност тврдат дека „седуммилионското население на Србија со тоа ќе биде осудено на економска експлоатација и загадување на животната средина“, што дополнително ги оддалечува од дофат западните стандарди за демократија и одговорност.
– Стануваме колонија на сите големи сили – рече Небојша Петковиќ, водач на протестите од Горње Недељице, село во северозападна Србија сместено покрај главната локација на планираниот рудник.

Србија може да обезбеди 90 отсто од литиумот за потребите на ЕУ

На бреговите на реката Јадар во Србија се пронајдени богати наоѓалишта на литиум или, популарно наречено, бело злато, што, според некои процени, може да обезбеди до 90 отсто од литиумот што ѝ е потребен на Европа за да ја напојува својата транзиција кон транспорт без емисии. Британско-австралискиот рударски гигант „Рио Тинто“ доби дозвола за развој на наоѓалиштето Јадар во 2017 година, за дозволата да биде отповикана по претходниот бран протести пред две години.
Јадар поседува некои од најголемите европски резерви на литиум. Министерството за рударство и енергетика на Србија проценува дека рудникот, кој се очекува да биде отворен во 2028 година, ќе произведе 58.000 метрички тони литиум до 2030 година, доволни за да се стават батерии во 1,1 милион електрични возила. „Рио Тинто“ издвои 2,23 милијарди евра за спроведување на проектот.
За потсетување, во јули Вучиќ ги пречека германскиот канцелар Олаф Шолц и потпретседателот на Европската комисија одговорен за Европскиот зелен договор, Марош Шефчович, за да потпишат договор за формализирање на поддршката на ЕУ за рудникот, заедно со неколку меморандуми потпишани со големите производители на автомобили, како „Мерцедес-Бенц“ и „Стелантис“. Српската власт никогаш не се откажа од проектот за ископување литиум, но и активистите за заштита на животната средина се решени да го засилат притисокот против проектот. Р.С.