Sneg Srbija
Фото: МВР Србија/инстаграм профил

Во српските градови Ниш и Краљево, околу 50.000 корисници во моментов се без електрична енергија поради невремето, проследено со обилни врнежи од снег, што предизвикаа голем број дефекти во дистрибутивната мрежа за електрична енергија.

– Ситуацијата на терен се менува од час во час. Посебен проблем на терен се непроодните регионални и локални патишта, како и обилниот снег што продолжува да паѓа, што го отежнува пристапот до местата на дефекти –  се вели во соопштението на Електродистрибуција на Србија (ЕДС)

Поголемиот дел од проблемите се регистрирани во ридско-планинските региони на Рашкиот, Златиборскиот, Моравичкиот, Пчињскиот и Јабланичкиот округ.

„Екипите на ЕДС се на терен и работат на санирање на дефектите. Повеќето од поголемите дефекти се санирани, но поради лошото време се појавуваат и нови“, се вели во соопштението.

Поради снегот во делови од Србија, сообраќајот се одвива отежнато, додека врнежите предизвикаа прекин на снабдувањето со електрична енергија во некои општини и губење на сигналите на мобилните телефони. Снегот на територијата на Лучани и Ивањица предизвика дефекти во електричната мрежа, поради што илјадници потрошувачи во околните села останаа без електрична енергија, изјавија надлежните општински служби за агенцијата Бета.

Во Ивањица е прогласена вонредна состојба.

Снег и денеска паѓа во јужниот дел од Србија. На Копаниок во моментот има повеќе од 60 сантиметри снег, додека во Ивањица – над 20 сантиметри.
Според информациите од Републичкиот хидрометеоролошки завод на Србија, неповолни временски услови со обилни врнежи од снег сè уште се прогнозираат за централна и источна Србија.

Најтешка е ситуацијата на патиштата кон Копаоник и низ Ибарската клисура. Републичкиот хидрометеоролошки завод најавува дека снежните врнежи ќе продолжат, особено во јужните, југозападните и источните делови на Србија, каде што се очекуваат уште 10 до 30 сантиметри снег.

Во Шумадија, Поморавље, како и делови од југот и југозападот на земјата, на сила е црвен временски аларм.