Трагедијата ги изнесе на виделина проблемите на воената авијација во Бугарија
Воените пилоти, мајорот Петко Димитров и постариот поручник Венцислав Данкин, загинаа во петокот додека се подготвуваа за аеромитинг, кој бил планиран да се одржи наредниот ден. Несреќата се случила додека тие летале со чешки борбен авион „Л-39“ на многу мала височина. Откажаниот аеромитинг имаше цел да ги прослави 20-годишнината од приемот на Бугарија во НАТО и 35-годишнината од воведувањето на ловците „миг-29“ во бугарските воздухопловни сили
Смртта на двајца бугарски воени пилоти во петокот предизвика остри критики на воздухопловните сили за обидот да се одржи воздухопловно шоу, со оглед на моментната лоша состојба на бугарската борбена авијација, објави „Еурактив“.
Воените пилоти, мајорот Петко Димитров и постариот поручник Венцислав Данкин, загинаа во петокот додека се подготвуваа за аеромитинг, кој бил планиран да се одржи наредниот ден. Несреќата се случила додека тие летале со чешки борбен авион „Л-39“ на многу мала височина.
Откажаниот аеромитинг имаше цел да ги прослави 20-годишнината од приемот на Бугарија во НАТО и 35-годишнината од воведувањето на ловците „миг-29“ во бугарските воздухопловни сили.
Поранешните министри за одбрана го оспоруваат одржувањето аеромитинзи
Непосредно пред несреќата, бугарскиот претседател Румен Радев, поранешен борбен пилот и шеф на бугарската борбена авијација, изврши демонстративен лет со авион „Ф-16“.
– Во оваа многу тешка состојба на бугарската авијација, особено борбената авијација, мораме да се запрашаме дали демонстрациите и воздушните шоуа се најдобриот начин да се користат ограничените ресурси, кога очекуваме авионите „Ф-16“ да пристигнат за неколку месеци – вели поранешниот бугарски министер за одбрана и воен експерт Велизар Шаламанов за Нова ТВ.
Тој додаде дека бугарските воени пилоти не ги исполнуваат часовите на летање што ги бараат стандардите на НАТО.
– Прво – немаме доволно авиони и хеликоптери. Второ – немаме доволно пари за да ги одржуваме. Трето – одржуваме многу поголем број пилоти отколку што е потребно за користење на ограничената опрема – рече Шаламанов.
Друг поранешен министер за одбрана, Тодор Тагарев, кој ја извршуваше оваа функција до минатата пролет, рече дека не би дозволил да се одржи вакво воздухопловно шоу.
– Авијацијата моментно е во таква состојба што едвај може да ги извршува своите основни задачи – изјави тој за државната телевизија БНТ.
Се истражуваат три можни сценарија за несреќата
Во тек е истрага за несреќата предводена од воениот обвинител. Причината за несреќата не е јасна, но обвинителите работат на три можни верзии – човечка грешка, техничка неисправност или неправилно поставена команда.
Бугарија во моментов има меѓу пет и осум оперативни ловци „миг-29“, додека чека испорака на 16 високотехнолошки ловци „Ф-16 блок 70“ од САД. Војната во Украина го оневозможи одржувањето на старите руски ловци, а бугарското воздухопловство се обидува да ги зачува ресурсите за борбени мисии.
Пред две години, друг бугарски пилот загина кога неговиот „миг-29“ се урна во Црно Море за време на воена вежба за пресретнување цел за обука. Р.С.