Според извори во хрватското судство, Хрватот Вјекослав Пребег не е воен платеник. Тој, всушност, е легитимен припадник на украинските воени сили, имал склучено договор со украинската армија една година пред да почне конфликтот во Украина, за што примал и плата од приближно илјада американски долари. Со тој факт, Хрватот би требало да има сосема различно својство пред судот во Доњецк. Имено, како таков, тој не треба да се третира како платеник (куче на војната), туку како класичен воен заробеник. Ако се прифати ова образложение, во кое (според меѓународното воено право) воените заробеници имаат сосема различен третман пред правосудните органи на Народна Република Доњецк (ДНР), тогаш смртната казна може да се избегне
Пред судот на Народна Република Доњецк (ДНР) започна судењето на првиот борец од Балканот, припадник на украинските вооружени сили
Судот на Народна Република Доњецк (ДНР) вчера го отвори обвинението кон петмина странци што како платеници се бореле на страната на Украина. Според кривичниот закон на Народна Република Доњецк (ДНР), на тројца од нив, Британецот Џон Хардинг, Хрватот Вјекослав Пребег и Швеѓанецот Матијас Густафсон, кои биле заробени во градот Мариупол, им се заканува смртна пресуда доколку бидат прогласени за виновни. Според хрватски судски извори, иако денес започнува судењето во Доњецк, искуството вели дека тоа е невозможно да се заврши, туку дека само ќе започне, а потоа рочиштето би се закажало за по еден месец. Засега е познато дека обвинетите одбиле да ја признаат вината, меѓутоа сите обвинети одговориле потврдно дека разбираат која е причината за тоа што се обвинети.
Од хрватските медиуми се дознава дека обвинетиот Хрват Вјекослав Пребег, кого руските сили го заробиле на бојното поле во Украина (Мариупол) во мај годинава, е по потекло од Загреб. Тој израснал во еден од постарите делови на Загреб – Трешњевка, во населбата наречена Кнежија, која има околу 12 илјади жители. Татко му на обвинетиот Вјекослав бил активен учесник во т.н. Татковинска војна. Воспитуван во таков дух, и Вјекослав сакал од мали нозе да гради војничка кариера. Вјекослав Пребег поминал неколку години во хрватската војска, во механизираната гардиска бригада „Тигри“. Таа била една од најдобро опремените воени единици на хрватската војска (ХВ) и била стационирана во Загреб. Но војнички амбициозниот Пребег сфатил дека ќе му биде тешко да напредува во воената хиерархија, па се демобилизирал, ги напуштил „тигрите“ и продолжил понатаму. Пред околу година и половина му се отворила можност да им се приклучи на „маринците“ во Украина, како што и направил, токму една година пред избивањето на воениот конфликт во Украина.
Токму оваа информација, според извори од хрватското судство, прави дека Вјекослав Пребег не е т.н. платеник (т.н. куче на војната), за што во кривичниот закон на Народна Република Доњецк (ДНР) е предвидена и смртна казна, туку Хрватот е всушност легитимен припадник на украинските воени сили, за што примал и плата од приближно илјада американски долари, и затоа треба да се третира како воен заробеник. Во тој контекст, воените заробеници би имале сосема различен третман пред правосудните органи на Народна Република Доњецк (ДНР).
Од друга страна, изворот од судството во Хрватска истакнува дека руската страна ги прогласила војниците од сите странски земји што учествуваат на страната на Украина за терористи. Затоа, ситуацијата со обвинетиот Вјекослав Пребег е многу неизвесна и сериозна.
Официјално, Хрватска најостро го осуди обвинението на Народна Република Доњецк против Пребег. Официјален Загреб „го отфрла обвинението и не го смета за основано и легално, бидејќи е спротивно на меѓународното право и меѓународните конвенции за третман на заробени цивили и воени затвореници“. Маневарскиот простор на Хрватска во сите преговори со руската страна е дополнително стеснет, затоа што, како што е познато, Хрватска е ставена на таканаречената руска „црна листа“ на земји.
Хрватскиот воен аналитичар Игор Табак, во изјава за јавноста смета дека ќе биде тешко да се започнат сериозни преговори на релацијата Хрватска – Народна Република Доњецк (ДНР) пред да се донесе пресудата.
– Позицијата на нашиот војник не се разликува значително од онаа на американската кошаркарка Бритни Гринер. Руската страна ги користи за други цели, заобиколувајќи го судењето, заобиколувајќи го кривичното право… Меѓутоа, Американците директно преговараат со Русите, додека ние одиме преку Украина – вели Табак.
Од нашиот постојан соработник од Хрватска Ангел Митревски