Пред 25 години се случи најконтроверзната безбедносна акција на Балканот што влезе во воените учебници на безбедносните служби
Деновиве се навршуваат 25 години од една т.н. „оперативно-безбедносна акција“ на Косово што беше директна причина за подоцна да се изврши агресија врз Сојузна Република Југославија. Безбедносниот настан вклучуваше во себе и пиар-стратегија за претставување на јавноста детали од настанот, кој до денес остана контроверзен.
Едната засегната страна во случајот „Рачак“ тврдеше дека е направен масакр врз цивилно население на Косово со етничка албанска националност. Другата страна (имено легалните безбедносни сили на СР Југославија), пак, презентираше докази дека е направана легитимна оперативна акција врз легитимни цели што го загрозуваат уставниот поредок на државата и е дејствувано на откриена терористичка група во селото Рачак на Косово.
Во тој контекст, Верификациската мисија на ОБСЕ за Косово, на чело со Вилијам Вокер, констатира „ликвидација на цивили“, што беше широко медиумски распространето како фактичка состојба. Меѓународната јавност и медиумите ја прифатија верзијата на Вокер, што НАТО го пречека како последна капка за да организира напад врз Југославија.
Од друга страна, надлежните служби на СР Југославија собраа и приложија докази дека станува збор за фингирано злосторство и ѝ ги презентираа на финската истражителка Хелена Ранта, која го предводеше тимот од патолози од Финска што се вклучи во заедничката истрага. Токму овие докази подоцна од страна на странски експерти беа оценети дека кореспондираат со случувањата на теренот, односно дека се фактичка состојба и вистина за она што се случило во с. Рачак.
Интересно е да се обележи дека оваа безбедносна акција во Рачак се проучува во учебниците на безбедносните служби.
Што се случи всушност во селото Рачак, Косово?
Имено, според сега веќе достапни документи, во селото Рачак во Косово и Метохија, општина Штимље, пред 25 години, на 15 јануари 1999 година, се случи оружен конфликт меѓу српската полиција и припадниците на албанските оружени формации на т.н. ОВК. Акцијата следувала како реакција на тоа што во тоа село имало силно упориште на ОВК, а во тој реон се случиле серија напади и убиства на припадници на полицијата.
По конфликтот меѓу српската полиција и албанските милитанти во селото Рачак, следуваше обвинението, на кое особено инсистираше Вилијам Вокер, дека се случил „масакр на невини цивили“. Вокер во тоа време беше на Косово и Метохија во својство на шеф на Верификациската мисија на ОБСЕ за Косово.
Овој настан, иако никогаш не беше навистина утврдено дека полицијата е одговорна за смртта на цивили, послужи како причина за обвинувања против Србија, а како оправдување, причина за агресијата на НАТО врз Сојузна Република Југославија.
Агресијата што следуваше на крајот на март 1999 година беше целосно подготвена во последните месеци од 1998 година, по што само се чекаше наредба за напад.
На затворен состанок на 2 јули 1998 година, Советот на НАТО донесе одлука за забрзани подготовки за нападот на Србија (СРЈ) и распоредување војници во пограничните области.
Што ѝ претходеше на акцијата
Во областа Штимље дејствувала 161-та бригада на ОВК. На тој простор од јули 1998 до јануари 1999 година биле убиени 24 лица, припадници на српската полиција, армија или цивили, а биле ранети и 25 лица.
Од октомври 1998 година до средината на јануари 1999 година, припадниците на ОВК во реонот на Штимље ги убија Синиша Михајловиќ, Назми Алури, Саша Јанковиќ, Ранко Ѓорѓевиќ, Светислав Пешиќ, како и цивилите Енвер Гаши и Мифтар Ресени.
Полициската акција во Рачак на 15 јануари 1999 година беше директно предизвикана со убиството на тројца полицајци на 8 јануари и на полицаецот Светислав Пржиќ на 10 јануари. Акцијата се случила, по мало одложување, во раните утрински часови на 15 јануари. Претходно беше утврдено дека во селото нема цивили.
За време на акцијата цело време биле присутни, навремено информирани, набљудувачи на Косовската верификација на ОБСЕ, како и претставници на медиумите „Ројтерс“ и „Асошиејтед прес“.
Во Рачак, во куќата на Мустафа Мехти, се наоѓал штабот на ОВК. Се претпоставува дека во селото имало стотина припадници на ОВК. Во акцијата учествуваа 135 полицајци, претежно припадници на специјалната единица. Командант бил Горан Радосављевиќ-Гури.
Во селото постоела мрежа од подготвени ровови, изградени бункери. Припадниците на ОВК биле повикани да се предадат пред нападот. Според полицијата, припадниците на ОВК, освен со пукање со стрелачко оружје, дејствувале и со минофрлачи и ракетни фрлачи.
Борбите тој ден во Рачак завршиле во попладневните часови, околу 15 часот. Оцената беше дека упориштето на ОВК е разбиено. Одземено е оружје, автоматско огнено оружје, два митралези, рачни бомби, бомби, мини, муниција.
По акцијата полицијата се повлекла од селото.
Следниот ден, сабота, 16 јануари, околу 13: часот, Вилијам Вокер влегол во Рачак, следен од членовите на медиумите. По тоа, според сведочењето на присутните новинари, следувале разговори со командантите на ОВК, која очигледно се вратила во селото откако полицијата се повлекла.
Потоа се појавува приказната дека во Рачак биле убиени цивили.
Во исто време, во селото биле спречени да влезат членовите на државниот истражен тим на Србија, меѓу кои и истражната судијка Даница Маринковиќ. Врз нив бил отворен оган.
Во 17 часот тој ден Вилијам Вокер одржува прес-конференција во Приштина, во центарот на ОБСЕ. Тој изјавува дека „се случил масакр“ во Рачак и дека набљудувачката мисија изброила 45 тела на жртви.
Во неделата, на 17 јануари, членовите на српскиот државен истражен тим, меѓу кои и истражната судијка Даница Маринковиќ, повторно се обидуваат да влезат во Рачак, за да спроведат професионална истрага. Повторно е отворен оган врз нив, со што е оневозможен пристап.
Државниот истражен тим ја започна истрагата дури во понеделникот, на 18 јануари. Полицијата беше принудена повторно да го заземе селото во борба да им дозволи пристап на истражителите. Во Рачак влегле околу 14 часот. Посмртните останки на жртвите пронајдени во џамијата се однесени во Приштина на обдукција.
Борбите во околината на селото продолжиле и следниот ден, 19 јануари. Тогаш беше убиен заменик-полицискиот командир на станицата Урошевац, а двајца полицајци беа ранети.
Според резултатите од истрагата на државниот тим патолози, идентификувани се 37 лица. Потеклото на трите лица не е разјаснето, се претпоставува дека не биле муслимани. Меѓу жртвите има и жена, ќерка на заповедник на ОВК, која исто така учествувала во борбите. Парафинските ракавици покажаа дека речиси сите користеле оружје. Сите се убиени со огнено оружје. Не е откриено дека има траги и различни дејства врз нив.
Истрагата на тим патолози од Финска предводени од Хелена Ранта
Неколку дена подоцна, во истрагата се вклучи и тим од патолози од Финска, предводен од Хелена Ранта. Следуваше заедничка истрага. Ранта ја оспори валидноста на методот на парафински ракавици како застарен. Иако нејзините наоди не беа значително различни кога станува збор за причините за смртта на жртвите, за време на прес-конференцијата што ја одржа во Приштина на 17 март, во областа на ОБСЕ, таа го употреби терминот „злосторство против човештвото“ и избегна да одговори на прашањето за тоа како загинале жртвите, во смисла дека е очигледно дека загинале во битка, како што заклучиле од српскиот тим патолози.
Таа толкува дека жртвите се цивили, невооружени, бидејќи според неа „немале муниција во џебовите“.
Години подоцна, таа не го криеше фактот дека била подложена на силен притисок од Вилијам Вокер, поради, како што рече, „недоволно убедливиот јазик“.
Неколку дена подоцна следуваше агресијата на НАТО врз Србија, односно СРЈ.
Американскиот претседател Бил Клинтон на 19 март им зборуваше на новинарите за „децата и жените покосени од истрели откако беа принудени да клекнат во прашината“.
Британскиот премиер Тони Блер во парламентот изјави дека „масакрот во Рачак“ довел до неопходност од бомбардирање на СРЈ.
Американската државна секретарка Медлин Олбрајт, главната поборничка за агресија против Србија, за медиумите тврдеше дека „се случил масакр“ во Рачак, дека „на десетици им се пресекле грлата“.
Патолозите не ги потврдија обвинувањата на политичарите
Нема сомнеж дека екипите на патолози, ниту домашни, ниту фински, ниту белоруски, не утврдиле дека телата на загинатите во селото Рачак биле пронајдени со други рани освен оние од огнено оружје, и тоа од далечина. На рацете на 37 од 40-те тела се пронајдени честички од барут со методот на парафински ракавици, што покажува дека користеле огнено оружје.
Еден од показателите е фактот дека Трибуналот за поранешна Југославија во Хаг, иако првично го потенцираше случајот „Рачак“, на крајот се откажа од него.
– Вистината за случајот „Рачак“ им беше позната на сите од почетокот, вклучувајќи ги и оние што ја донесоа одлуката за бомбардирање на Сојузна Република Југославија. Тоа што тогаш го утврдив како истражен судија важи и денес, а тоа е дека во Рачак немало масакр на цивили, туку дека тоа е легитимна акција на српската полиција против т.н. ОВК – вели Даница Маринковиќ, истражна судијка во случајот „Рачак“, во интервју за Танјуг, на 25-годишнината од настанот.
Според неа, Вокер имал задача да создаде лажно сценарио, кое би послужило како причина НАТО да ја бомбардира Србија, односно СР Југославија. Како што истакнува таа, членовите на мисијата на ОБСЕ се обиделе да ја убедат да не оди на терен, а заменикот на Вокер, англискиот генерал Џон Древенкевич, дури и јавно и се заканил дека лично ќе се обиде да ја обвинат и однесат во Хаг.
– Кога влеговме во Рачак, никаде немаше жива душа, ниту човек, ниту животно. Го обиколивме целото село, ја најдовме куќата каде што беше штабот на ОВК. Таму најдовме оружје, муниција, униформи означени со ОВК, големи количества храна, машина за пишување и списоци на дежурни војници. Сето тоа се докази што постојат до ден-денес. Во однос на телата што ги најдовме во џамијата во Рачак, по обдукцијата што ја извршија српски, белоруски и фински патолози, беше утврдено дека причина за смртта кај сите се прострелни рани. Немаше траги од масакри, ниту оние нанесени за време на животот или повреди по смртта. Тоа се сите докази што ги презентиравме во Хаг, каде што се појавив како сведок на одбраната на поранешниот претседател на СРЈ, Слободан Милошевиќ. Ја презентирав вистината што ја утврдив, она што директно го видов на самото место како истражен судија. „Рачак“ е отфрлен од обвинителниот акт – изјави Даница Маринковиќ, која во тоа време беше истражна судијка на Окружниот суд во Приштина.
Подготвил: Митко Јовановски