Словенија веројатно ќе го прифати влезот на Хрватска во шенген, но веднаш потоа размислува да воведе силна гранична контрола поради миграцијата, нешто слично како што постапува Австрија кон Словенија на заедничката гранична линија
Со вирусот на балканскиот соседски проблем заразени две членки на ЕУ
Според владини извори во словенечките медиуми, словенечката влада „нема намера да го блокира влезот на Хрватска во шенген во декември“, кога за тоа ќе одлучуваат министрите за внатрешни работи, бидејќи, како што истакнуваат, тоа е и во интерес на Словенија. Но,љубљанско „Дело“, повикувајќи се на веродостојни информации, пишува дека Владата има намера да прифати еднострана декларација дека „Хрватска со влегувањето во шенген-зоната ја прифаќа арбитражната пресуда“. Весникот потсетува дека станува збор за наметнување „арбитражна пресуда што беше компромитирана со незаконски дослух на словенечки агент и словенечки судија“.
Хрватска индиректно ја признава арбитражната одлука?!
Тезата не е нова. На пример, Војко Волк, советник за надворешна политика на словенечкиот премиер Роберт Голоб и поранешен словенечки амбасадор во Хрватска, претходно изјави дека со влегувањето во шенген, Хрватска, правно гледано, ги признава границите на земјите што се членки на ЕУ. Од ова тој извлече заклучок, по правна аналогија, дека Хрватска со тоа индиректно ја признава арбитражната одлука.
Експертот за право на ЕУ од Факултетот за државни и европски студии, д-р Матеј Авбељ, во „Дело“ предупредува дека Хрватска веројатно ќе даде и своја изјава по словенечката, но дека тие се ирелевантни според правото на ЕУ. Нивното влијание врз арбитражната одлука е исто така ништовно, при што д-р Авбељ смета дека арбитражната одлука е полноважна. Иако беше донесена, на пример, без хрватски судија. Д-р Авбељ заклучува дека сценариото „изјава по изјава“ би било наменето исклучиво за внатрешна политика и за „повторно заострување на меѓусоседските односи“.
За граничната контрола, Словенија ќе се однесува кон Хрватска како Австрија спрема Словенија
Со ова се согласува и д-р Јања Хојник, експертка по европско право од Правниот факултет во Марибор, која посочува дека едностраната декларација не може да има карактер на меѓународен договор, ниту би ја обврзувала Хрватска на кој било начин и не може да биде дел од правниот систем на ЕУ. Таа не е против давање изјава, но потсетува на пресудата на Судот на ЕУ, кој ја отфрли надлежноста во тој случај. Таа, исто така, додава дека блокадата на Хрватска ќе му наштети на меѓународниот углед на Словенија.
Ненси Пелоси, претседателката на американскиот Конгрес, пред три дена во Загреб изјави дека САД го поддржуваат влезот на Хрватска во шенген, а Словенија добро се сеќава на негативните последици од обидот да се блокира влезот на Хрватска во НАТО.
„Дело“ го завршува текстот наведувајќи ја можноста Словенија да го прифати влезот на Хрватска во шенген, но веднаш потоа да воведе гранична контрола поради миграцијата, по моделот што го користи Австрија на словенечката граница.