Словенија
Словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар смета дека Европската Унија треба повторно да воспостави некаков вид дијалог со Русија – барем преку тивка дипломатија предводена од специјално назначен тим.
Словенечката претседателка го оцени како грешка тоа што ЕУ престана да комуницира со Русија по почетокот на војната во 2022 година и смета дека комуникацијата треба да се обнови.
– Една од грешките на Европската Унија беше што престанавме да комуницираме со Русија – рече таа.
Таа додаде дека ЕУ треба да назначи група „мудри мажи и жени“ за да започне тивка дипломатија со Русија како прв чекор кон директен дијалог.
Пирц Мусар смета дека Европа треба да се фокусира на преговори со САД, Русија и со Украина и дека е потребен „дијалог, дијалог, дијалог“, и покрај фактот дека претходните преговори иницирани од САД сè уште не дадоа резултати.
Пирц Мусар изјави дека разговарала за овие прашања со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и дека ѝ било кажано дека се работи на тоа. Таа, исто така, во интервјуто нагласи дека зголемувањето на трошоците за одбрана не треба да влијае на социјалната сфера. Р.С.