Србија
Метеоролозите најавуваат дека се очекува Србија да ја зафати исклучително силен топлотен бран, па максималната температура в среда и четврток ќе се движи помеѓу 35 и 40 степени, додека во главниот град би можела да достигне 38 до 39 Целзиусови степени.
Експертот по метеорологија Иван Ристиќ истакна дека проблемот се мултиплицира и со тоа што во последно време немало дожд.
– Температурата лесно би можела да достигне 40 степени во Србија – рече Ристиќ.
Тој додаде дека почнувајќи од денеска и утре, температурата ноќе нема да падне под 20 степени, додека во Белград ноќната температура ќе биде помеѓу 25 и 26 степени, што значи, како што вели, дека во становите ќе биде 30 степени.
Тој потсети дека рекордно жешкото лето било во 2007 година, кога температурите достигнале 43 и 44 степени, а рекордот бил постигнат на 24 јули истата година.
– Годинава најтопла ќе биде третата декада од јули. Ќе има многу денови со температури што најверојатно ќе надминат 40 степени – рече Ристиќ.
Зборувајќи за причините за глобалното затоплување, тој истакна дека длабоко верува во постоење на т.н. циклуси во самата планета Земја кога се емитува повеќе геотермална енергија и кога земјотресите и вулканските ерупции се почести, што, според него, се случува токму сега.
– Тоа значи дека има многу геотермална енергија што доаѓа од длабочините на Земјата и тогаш температурата на планетата се зголемува. По 2030 година, таа геотермална енергија полека ќе почне да се намалува, па очекувам нашата планета малку да се олади – рече Ристиќ.
Тој потсети дека летото започна и дека тоа е период во годината кога примаме и најголемо сончево зрачење на северната хемисфера, а истакна и дека овој јуни бил доста сув и без дожд, додавајќи дека се очекува сушата да продолжи. Р.С.