Обележја на УЧК беа видливи на протестот во Хаг

АЛБАНЦИ ПРОТЕСТИРАА ВО ХАГ ПРОТИВ СУДОТ ЗА ВОЕНИ ЗЛОСТОРСТВА НА КОСОВО

Стотици етнички Албанци од Европа и од САД организираа протест против судот за воени злосторства на Косово во холандски Хаг, додека адвокатите на поранешниот косовски претседател Хашим Тачи и тројцата кообвинети се подготвуваат да го почнат изложувањето на доказите на одбраната

Црвено-црните бои на албанското знаме доминираа на улиците на Хаг во неделата, додека стотици етнички Албанци од Косово, други земји на Балканот, земји членки на ЕУ, Велика Британија и САД се собраа за да покажат поддршка за поранешниот претседател Хашим Тачи и тројца други воени водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК), на кои им се суди за воени злосторства и злосторства против човештвото, пренесува „Балкан инсајт“.

Иако протестот официјално започна во 14 часот по локално време во одредена област помеѓу судот за воени злосторства на Специјализираните совети на Косово и притворниот центар каде што Тачи и другите обвинети се затворени речиси пет години, воените ветерани на ОВК и нивните поддржувачи почнаа да се собираат од раните утрински часови за да го искажат своето противење на она што го сметаат за пристрасно судење.

Демонстрантите маршира низ улиците на холандскиот град пеејќи националистички песни, а скандираа и „УЧК“, како и имињата на четворицата обвинети: Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи, Реџеп Селими. Беше видлив и транспарент со пораката: „Слобода на нашите воини и водачи, кои ни ги донесоа овие среќни денови“.
Неколку демонстранти што патуваа во Хаг од Косово, Белгија, Финска, Германија, Франција и САД изјавија за БИРН дека сакаат правда за воените водачи на ОВК и го нарекоа судот „неправеден“ и „пристрасен кон праведната војна на косовските Албанци“.

Протестот се одржа пред адвокатите на обвинетите да ја започнат постапката за одбраната. Првиот сведок на одбраната е поранешниот помошник-државен секретар на САД, Џејмс Рубин.

Специјализираните совети на Косово се дел од правосудниот систем на Косово, но со седиште во Хаг со меѓународен персонал за да се обезбеди фер постапка по проблемите со заплашување на сведоците во претходните случаи поврзани со ОВК. Повеќе сведоци на обвинителството сведочеле зад затворени врати за да го заштитат својот идентитет поради страв од одмазда, но тоа доведе до обвинувања за недостиг од транспарентност.

Судскиот совет го одреди 14 ноември како краен датум за презентирање на доказите на одбраната. По завршните зборови, советот има 90 дена да ја разгледа својата пресуда, што сугерира дека може да биде донесена напролет 2026 година.
Четворицата поранешни водачи на ОВК се обвинети дека имаат индивидуална и командна одговорност за злосторства извршени врз затвореници држени во притворните центри на ОВК во Косово и соседна Албанија, вклучувајќи 102 убиства. Се смета оти злосторствата биле извршени за време и по војната во 1998 и 1999 година. Тачи беше обвинет во октомври 2020 година, а следниот месец поднесе оставка од функцијата претседател. Оттогаш е во притвор во Хаг. Р.С.