Појавата што сѐ почесто се анализира во економијата, а тоа е дека при инфлациски притисоци, цените на поевтините брендови растат побрзо од цените на поскапите брендови на истите производи, веќе е позната под името – чипфлација (кованица од англискиот збор cheap, што значи евтино, и зборот инфлација – изобилство на нешто при намалување на квалитетот, на вредноста, важноста, ползата… според македонскиот речник)
Анализа на интересна економска појава во регионот поврзана со растот на цените
Инфлацијата во Србија, според новата централна проекција на Народната банка на Србија (НБС), ќе продолжи да се движи во рамките на целниот опсег во следните две години, што е три отсто, плус-минус 1,5 отсто, истакна вицегувернерот Жељко Јовиќ на презентацијата на февруарскиот извештај за инфлацијата што неодамна го усвои Извршниот одбор на НБС. Тој притоа наведе дека анализирале и појава за која сѐ почесто се зборува низ светот, а тоа е дека, при инфлациски притисоци, цените на поевтините брендови растат побрзо од цените на поскапите брендови на истите производи, што е познато како чипфлација.
Примерот на чипфлација во Србија
– Нашата анализа потврди дека во категоријата храна и пијалаци, кумулативниот раст на цените на поевтините брендови во периодот од 2022 до 2024 година е за пет процентни поени повисок од оној на поскапите брендови – рече српскиот вицегувернер Жељко Јовиќ.
Тој изјави дека е потврдена уште една карактеристика на оваа појава, а тоа е дека најголемата разлика во движењето на цените меѓу поевтините и поскапите брендови се јавува при најизразените инфлациски притисоци.
Српскиот вицегувернер Жељко Јовиќ наведе дека анализирале како се менувала распределбата на растот на потрошувачките цени на годишно ниво во 2024 година во однос на претходната година.
– Резултатите од анализата покажаа дека дистрибуцијата е значително подобрена за една година, дека уделот на производите и услугите во потрошувачката кошница што бележи двоцифрен раст на годишно ниво е значително намален и дека процентот на производи и услуги што не поскапеле во 2024 година се зголемил (на околу 25 проценти), при што дури сто производи и услуги имаат пониски цени од 2024 година.
Во Србија потрошувачките цени се зголемени за 4,6 отсто во јануари
Во Србија потрошувачките цени во јануари се зголемени за 4,6 отсто на годишно ниво, односно во однос на истиот месец лани, објави Заводот за статистика на Република Србија. Инфлацијата на годишно ниво во декември 2024 година изнесува 4,3 отсто. Цените на производите и услугите за лична потрошувачка во јануари 2025 година, во однос на декември 2024 година, се зголемени во просек за 0,6 отсто.
Гледано по главни групи производи и услуги класифицирани по намена на потрошувачка, во јануари 2025 година, во однос на претходниот месец, зголемување на цените е забележано во групите комуникации (1,3 отсто), транспорт (1,2 отсто), рекреација и култура (0,7 отсто), во групите храна и безалкохолни пијалоци и домување, вода, струја, опрема за домови и други (6 отсто), ресторани и хотели (по 0,4 отсто). Зголемување на цените е забележано и во групите алкохолни пијалаци и тутун и образование (по 0,1 отсто). Пад на цените е забележан во групата облека и обувки (-0,6 отсто), додека од СБС велат дека цените на другите производи и услуги не се значително променети. Р.С.