Токму во време на криза доаѓа до израз регионалната соработка – еден од претходните состаноци на СРС во Софија

Генералната секретарка на Советот за регионална соработка (СРС), Мајлинда Брегу, изјави дека претстојниот самит на Берлинскиот процес, доколку политичарите се согласат, може да донесе значителни промени за просечните граѓани на Западен Балкан. Како што сега стојат работите, таа издвои дека прогнозите за стапката на инфлација за регионот на Западен Балкан се и до 27,8 отсто

Генералната секретарка на Советот за регионална соработка (СРС), Мајлинда Брегу, со загрижувачко предупредување

Во интервју за јавноста, генералната секретарка на Советот за регионална соработка (СРС), Мајлинда Брегу, изјави дека ризикот од сиромаштија во регионот на Западен Балкан расте и дека ниту една од шесте економии на Западен Балкан, според проекциите на ММФ, нема да ја достигне стапката на раст од 2021 година.

Драстичен пад на економските показатели за Западен Балкан

Таа нагласи дека „токму во време на криза доаѓа до израз регионалната соработка“. Генералната секретарка на Советот за регионална соработка во својата изјава, цитирајќи го ММФ, подвлече дека прогнозите за стапката на инфлација за регионот на Западен Балкан се и до 27,8 отсто, со раст на потрошувачките цени до 12,8 отсто во 2022 година.
Таа додаде дека пондерираниот просечен раст на БДП на шесте економии од Западен Балкан во 2021 година бил 7,6 отсто, но дека таквата висока стапка на раст на БДП се должи на намалувањето на растот од 3,1 отсто од 2020 година, што е репер.
– Годинешната стапка на раст на БДП се предвидува да биде на многу пониско ниво, имајќи предвид дека регионот во голема мера е поврзан со еврозоната – рече таа.
Посочувајќи дека порастот на инфлацијата несразмерно ги погодува сиромашните, Брегу го изрази своето стравување.
– Со оглед на тоа што населението во регионот на Западен Балкан троши повеќе од 50 отсто од буџетот на храна, пијалаци, струја, гас и други горива, повеќе домаќинства би можеле да се втурнат во сиромаштија, а особено имајќи предвид дека стапките на ризик од сиромаштија во регионот се веќе високи и повисоки од просекот на ЕУ од 21,9 отсто од населението – додаде Брегу.

Повик на засилена регионална соработка заради амортизирање на кризата

Таа посочи дека кризата „повикува на трезвено размислување за предизвиците, слабите точки, но и можностите“ и дека токму тука доаѓа до израз регионалната соработка, потсетувајќи на соработката за време на пандемијата и формирањето регион без роаминг, како добри примери.
Брегу рече дека верува оти „регионалната економска интеграција на Западен Балкан не е независен процес доколку не е придружена со конкретни планови и јасен патоказ за тоа како и кога Западен Балкан ќе го започне конкретниот процес на постепено приближување кон ЕУ.
– Или, со други зборови, кога ќе почне да ги усогласува политиките и пристапите кон единствениот пазар, како што со право предложи претседателката Урсула фон дер Лејен за Украина – додаде таа.
Во овој контекст „почетокот на долгоочекуваните преговори со Албанија и Македонија претставува добредојден приказ на геополитичката зрелост на Европа, која го нема луксузот да се соочи со војна на својот континент и со нова безбедносна криза на Балканот“.
Таа потсети дека првпат по осум години истражувањето на Балканскиот барометар забележа негативен тренд и пад на поддршката за европската интеграција, при што 60 отсто од граѓаните на Западен Балкан го сметаат членството во ЕУ за добра работа.
– Зголемувањето на песимизмот кај граѓаните во однос на фактот дека нивната економија никогаш нема да влезе во ЕУ многу нè погоди. Минатата година беше 22 процента, а оваа година беше 28 проценти – изјави Брегу во интервјуто.

Депопулацијата на регионот галопирачка

Таа посочи и дека само во 2018 година регионот на Западен Балкан изгубил 1,3 отсто од вкупното население, додека тоа се однесува само на оние што легално мигрирале во ЕУ.
– Генерално кажано, заканата од депопулација се наѕира над цела Југоисточна Европа, која може да изгуби речиси 30 милиони луѓе во овој век, а тоа не се ни песимистички предвидувања. Регионот веќе забележа помал пад на приливот на дознаки, додека просечниот нето-прилив на дознаки, како процент од БДП, падна од 7,1 отсто во 2021 година на 6,6 отсто во 2022 година – вели поранешната пратеничка во албанскиот парламент.
Брегу рече и дека според прогнозите на Светската банка, просечната вредност на јавниот долг ќе се зголеми од 39,6 на 46,4 отсто од БДП во 2022 година.
Брегу информира дека во следните две недели ќе учествува на состаноците на министрите за надворешни работи, внатрешни работи, економија и енергетика од Западен Балкан, а потоа и на самитот на шефовите на држави и влади на земјите од Западен Балкан и ЕУ на 3 ноември во Берлин. Притоа изрази уверување дека Берлинскиот процес два ќе започне добро и дека следните две недели, доколку се согласат политичарите, може да донесат значителна промена за просечните граѓани на Западен Балкан.


Што е Советот за регионална соработка

Советот за регионална соработка (СРС) беше официјално основан на 27 февруари 2008 година, како наследник на Пактот за стабилност за Југоисточна Европа.
Советот е оперативен орган на Процесот на соработка во Југоисточна Европа (PСЈИЕ) и претставува централна точка за регионална соработка. Исто така, дејствува и како форум за перманентно присуство на меѓународната заедница ангажирана во регионот.
Советот се фокусира на регионалната соработка на подрачјето на Југоисточна Европа (ЈИЕ) преку рамка на регионална сопственост и водство што, исто така, ги поддржува европските и евроатлантските интеграции.
Клучната улога на Советот е подготовка и координирање на развојни проекти и создавање политичка клима што ќе овозможи севкупен економски и социјален напредок во ЈИЕ, во полза на луѓето од регионот.
Работата на СРС е насочена на пет приоритетни области:
– eкономски и социјален развој;
– инфраструктура и енергетика;
– правда и внатрешни работи;
– соработка во областа на безбедноста;
– градење човечки капитал и парламентарна соработка.

Подготвил: Марјан Велевски