Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денеска изјави дека во овој момент се врши невиден притисок врз многу земји во светот, особено врз Србија, но дека Москва очекува најпроблематичните прашања да се решат во рамките на доверлив и партнерски дијалог со српските пријатели.
– Совршено разбираме каков притисок без преседан, суров, незаконски, спротивен на меѓународното право се врши врз многу земји, вклучително и Србија. Кон Србија особено. И ние многу го цениме ставот што Србија го зазеде досега, разбираме дека условите се менуваат, но очекуваме дека ќе ги решиме најпроблематичните прашања во рамките на нашиот доверлив партнерски дијалог со нашите српски пријатели – изјави Песков пред новинарите, пренесува РИА Новости.
Весникот „Известија“ наведува дека Песков ја коментирал изјавата на министерот за економија на Србија, кој во понеделникот побарал Владата на Србија итно да прогласи воведување санкции против Русија, пренесе Танјуг.