Принтскрин/Б92/Инстаграм

Повеќе од 30 лица се повредени при уривање на настрешницата на железничката станица во српскиот град Нови Сад, јавија локалните медиуми.

-Повредени се над 30 луѓе, тоа е последната бројка што ја имаме, а можеби е поголема. Се уште не знаеме дали има загинати, додека не бидеме сигурни дека не можеме да кажеме ништо. Телефоните ни ѕвонат постојано. Родителите се јавуваат да прашаат за децата… Ова е катастрофа. Се трудиме што побрзо и поефикасно да дојдеме до жртвите – јави Нова.рс, повикувајќи се на изјава на извор од Службата за итни случаи во Нови Сад.

Јавниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Нови Сад води истрага заедно со полицијата, надлежните инспектори и други служби на зградата на железничката станица каде се урна настрешницата.

„Поради трагичниот настан што предизвика загриженост во јавноста, а кој се случи на 1 ноември 2024 година во Нови Сад, кога се урна дел од зградата на железничката станица во Нови Сад, Вишото јавно обвинителство во Нови Сад ја информира јавноста дека јавниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Нови Сад излезе заради истрага“, се наведува во соопштението.

Во соработка со Полициската управа во Нови Сад и надлежните инспекциски и други служби, се преземаат сите мерки и дејствија согласно закон, со цел утврдување на сите релевантни факти и околности поврзани со причината за предметниот настан.

Објектот беше свечено отворен на 5 јули годинава.