Само Европската Унија е таа што може да решава за прием во членство на земјите кандидати и никој друг, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР) од која дел е и МИА.
– Тоа е огромна одговорност, а се работи и за нашиот кредибилитет. Навистина, мораме да испорачаме и затоа не можеме да загубиме ниту една од земјите кандидати – рече Кос во одговор на прашање околу соработката на ЕУ со САД во однос на процесот на проширување.
Кос нагласи дека ЕУ соработуваат со САД во Босна и Херцеговина, поради обврските со Дејтонскиот договор и се дел од Квинтата заедно со Велика Британија.
– Значи, ние разговараме со нив за ситуацијата во Босна и за која било друга земја. Но, не знам како САД или новата американска политика би можеле да бидат дел од процесот на проширување – истакна Кос.
Во врска со информациите дека САД им нудат инвестиции на земјите кандидати за членство во ЕУ, особено на Албанија, за да се откажат од напорите за влез во Унијата, Кос рече дека нема сознанија точно за овој случај, но знае дека има трети земји кои сакаат да ја искористат ситуацијата што државите кандидати се отворени за инвестиции од странство.
– И сега имаме случај кога Црна Гора потпиша договор со Обединетите Арапски Емирати, кои имаат тенденција да инвестираат доста во земјата, а ние, се разбира, следиме што се случува на ова поле – рече Кос.
Според неа, земјите кандидати можат да ги изберат своите инвеститори, но дека да се биде земја кандидат има и некои последици.
– Нашите земји кандидати можат да склучат договори со кои земји сакаат. Она што потоа го правиме во текот на процесот на пристапување е да видиме дали има некои врски или како тоа влијае на процесот на пристапување. Инаку, земјите се слободни да склучуваат договори – додаде Кос.
Таа оцени дека процесот на проширување никогаш не било толку оспоруван од надворешни сили, кои не доаѓаат само од Исток, но дека ЕУ мора да се прошири за да може да одговори на геополитичките и безбедносните потреби.
– Целиот свет е во движење, цела Европа е во движење, целото соседство е во движење, а аспектот на безбедноста станува се поважен. Значи овој безбедносен императив рапидно расте и ние мора да најдеме одговори, не само во врска со процесот на проширување, туку и со целата соседска политика. Уште една причина зошто е ова важно е тоа што првпат во историјата се соочуваме со надворешните нарушувачки сили кои би сакале да видат неуспех на процесот на проширување – рече Кос.
Според неа, ЕУ мора да има одговори за да се справи со тензиите меѓу геополитичките и безбедносните потреби, од една, и методологијата на проширување, од друга страна, бидејќи проширувањето останува најефикасна алатка за обезбедување мир, просперитет и слобода.
Таа нагласи дека затоа Европската комисија е целосно посветена на процесот на проширување и на него работат по 1.000 нејзини службеници за секоја една земја кандидатка за членство, но дека сепак одлуките за пристапувањето ги носи Европскиот совет со консензус.
Кос потенцира дека министерките за надворешни работи на Германија и на Словенија, Аналена Бербок и Тања Фајон иницирале одлуките во пристапниот процес да се носат со квалификувано мнозинство, но таа идеја засега ја поддржале 13-14 земји членки.
– Се разбира за промена на методологијата, треба консензус. Но, она што е добро е тоа што ние функционираме така. Знаете, според Европскиот договор, во процесот на пристапување се потребни само две одлуки со консензус – за (негово) отворање и за затворање. Но, реалноста е дека се потребни 150 одлуки со консензус за да се помине низ процесот – рече Кос.
Таа нагласи дека од дискусиите на последниот Совет за надворешни работи можела да увиди подготвеност на земјите членки за промена на овој систем, додавајќи дека сепак тоа зависи од нив.
– Многу сум почестена и навистина среќна што можам да го имам ова портфолио, особено затоа што, знаете, некои земји од Западниот Балкан ми велат „Ти си наша“. Тоа е тешко да се преведе (на англиски) и значи, вие сте наши или сте една од нас, но јас сите ги сметам како наши – додаде еврокомесарката за проширување во интервјуто за ЕНР.