САД ја поздравија изјавата на командантот на армијата на Србија дека дел од војската е повлечена од границата со Косово. Ова синоќа на брифингот за новинарите го соопшти Метју Милер, портпарол на Стејт департментот, кој истакна дека Вашингтон и понатаму е загрижен за тензичната ситуација на северот од Косово.
– Се уште не сме направиле независна верификација на овие извештаи и се надевам на нивна потврда. Но ако ова е вистина, ние го поздравуваме овој чекор за кој повикувавме минатата недела – изјави Милер.
Милан Мојсиловиќ, началник на Генералштабот на српската армија, претходно за новинарите во Белград изјави дека бројот на војската распоредена долж границата е намален од 8,350 до 4,500 војници.
Милер изјави дека покрај телефонскиот разговор Блинкен-Вучиќ во петокот, САД подоцна имале разговори со српски официјални лица од понизок ранг, без да даде дополнителни детаљи.
Тој додаде дека се надева оваа информација за повлекување на војската да се покаже точна, и дека Вашингтон и понатаму е „загрижен од растечките тензии и спорадичното насилство на северот од Косово.
Мисијата на НАТО на Косово (КФОР) денеска соопшти дека го зголемува своето присуство и активност на северот на Косово и ги повика Белград и Приштина да го продолжат дијалогот за нормализирање на нивните односи, бидејќи, како што наведува, тоа е единствениот начин да се постигне траен мир и стабилност. за сите заедници.
Тензиите во Косово повторно ескалираа откако косовската полиција се судри со околу 30 тешко вооружени Срби на 24 септември во селото Банска на северот на Косово, населено главно со косовски Срби. Во престрелките загинаа тројца напаѓачи и еден полицаец косовски Албанец. Ова беше најсериозното влошување на ситуацијата во Косово во последните години. Одговорноста за случувањата во петокот ја презеде Милан Радојчиќ, до неодамна заменик-претседател на најголемата партија на косовските Срби, „Српска листа“.
Србија и косовските Срби не ја признаваат независноста на Косово прогласена во 2008 година. Приштина и Белград преговараат со посредство на ЕУ за нормализирање на нивните односи.