Соединетите Американски Држави го поддржуваат договорот за влезно-излезните документи меѓу Косово и Србија и го гледаат како важен чекор напред кон нормализација на односите засновани на меѓусебно признавање, соопшти Стејт департментот за „Гласот на Америка“ во врска со постигнатиот договор од двете страни.
– Договорот за влезно-излезните документи е пример за ефективна примена на дијалогот за решавање на спорови и напредок. Дијалогот за Србија и Косово е механизам чија цел е да се постигне сеопфатен договор за нормализација на односите. Постигнувањето решение преку дијалог е од клучно значење за двете земји на нивниот пат кон европската интеграција – се наведува во одговорот на портпаролот на Стејт департментот.
Посочено е дека во дијалогот, со посредство на Европската унија, Србија се согласи да ги укине влезно-излезните документи за имателите на косовски документи, додека, од друга страна, Косово се согласи да не воведува документи за влез-излез за граѓаните со српски документи.
– Врз основа на посветеноста на двете страни и напорната работа на специјалниот пратеник на Европската Унија, ги охрабруваме Србија и Косово да се ангажираат повеќе и во мир да тргнат напред – се наведува од Стејт департментот.