Србија
Русија го прифати извинувањето на српскиот претседател Александар Вучиќ во врска со гласањето на Србија во Обединетите нации. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во Москва ги коментираше актуелните настани, вклучувајќи го и гласањето во Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) за европската резолуција за Украина.
Песков, потсетувајќи дека Вучиќ им се извини на граѓаните на Србија за тоа што неговата земја гласаше за европската резолуција за Украина, рече дека Русија разбира оти тоа е вистинска грешка.
– Секако, го слушнавме и го забележавме. Се случуваат технички грешки – рече тој на прашањето дали Кремљ го забележал извинувањето на Вучиќ.
Вучиќ доцна завчера изјави дека верува оти неговата земја направила грешка и требало да се воздржи при изјаснувањето во ОН.
– Мислам дека Србија направи грешка. За тоа им се извинувам на граѓаните на Србија, а вината за тоа ја сносам сам, затоа што веројатно сум уморен и оптоварен и не можам сѐ да завршам – рече Вучиќ за време на гостувањето на ТВ Хепи.
Советот за безбедност на Обединетите нации завчера усвои резолуција со која се повикува на брз крај на тековната војна и воспоставување траен мир меѓу Русија и Украина. Р.С.