Оставката на претседателот на Бугарија Румен Радев е поднесена до Уставниот суд и шефот на државата го очекува неговото изјаснување, потврдија за БТА од прес-секретаријатот на претседателот. Радев ја соопшти својата одлука вчера во обраќање до бугарскиот народ, во кое објави дека последен пат им се обраќа на граѓаните како претседател на земјата.
Според член 97 од Уставот, една од можностите за предвремено прекинување на мандатот на претседателот и потпретседателот е поднесување оставка пред Уставниот суд. По поднесената оставка, неговите овластувања престануваат со утврдување на околностите од страна на Судот. Според основниот закон, кога шефот на државата поднесува оставка, потпретседателот стапува на функцијата претседател до крајот на мандатот. Моментален потпретседател на Бугарија е Илијана Јотова.
Румен Радев е петтиот демократски избран претседател на Република Бугарија. Тој беше избран за својот прв мандат во ноември 2016 година, а во ноември 2021 година беше реизбран за втор мандат. Во периодот 2014 – 2016 година, Радев беше командант на Военото воздухопловство на Бугарија. До овој момент во Бугарија немало случај на поднесена оставка од страна на претседател.
Во своето емотивно обраќање, Радев побара прошка од граѓаните и упати остри критики кон политичките елити. „Денеска последен пат ви се обраќам како претседател на нашата Бугарија. Би сакал најпрво да побарам прошка. Ги признавам сопствените грешки и свесен сум за она што не успеав да го завршам“, истакна тој. „Бугарската политика се случува надвор од институциите. Марионетите не се срамат пред камерите да доставуваат директиви на Народното собрание и да зграбуваат партии, банки и медиуми. Овој модел има надворешни обележја на демократија, но всушност функционира по механизмите на олигархијата. Дискредитирани политичари, жигосани како корумпирани на меѓународно ниво, тргуваат со националниот интерес“, оцени бугарскиот претседател.
– Потребен е нов општествен договор. Нашата демократија нема да преживее ако ја оставиме на корупирани лица и екстремисти. Таа зависи од личната ангажираност на секој од нас. Убеден сум дека Илијана Јотова ќе биде достоен шеф на државата и ѝ благодарам за поддршката низ сите овие девет години – истакна шефот на бугарската држава.
На крајот од говорот, Радев најави дека неговата борба продолжува заедно со граѓаните, заклучувајќи со пораката: „Подготвени сме, можеме и ќе успееме!“.




































