Наредната седмица во Собранието на Република Српска ќе биде поделен документ за разгледување, насловен како Договор за потребата од започнување на процедурата за регулирање на односите меѓу Република Српска и Федерацијата БиХ во согласност со Дејтонскиот договор и меѓународните акти. Тој всушност претставува – договор за раздружување. Договорот би бил испратен и до Собранието на другиот ентитет (Федерацијата БиХ) на разгледување. Почеток на крајот на дисолуција на Југославија или крај на дејтонска БиХ?
Протекоа документи за план за „разединување на Република Српска и Федерацијата БиХ“
На почетокот на следната недела ќе се одржи посебна седница на Народното собрание на Република Српска кога, според информациите од локални извори, ќе им биде поделен материјал на пратениците од Собранието, насловен како Договор за потребата од започнување на процедурата за регулирање на односите меѓу Република Српска и Федерацијата БИХ во согласност со Дејтонскиот договор и меѓународните акти.
Два независни политички и територијални ентитети
Според истите неофицијални извори, документот предвидува формирање два независни политички и територијални ентитети. Тие би функционирале во согласност со предвидениот договор за раздружување. Договорот би бил испратен и до Собранието на другиот ентитет (Федерацијата БиХ) на разгледување.
Според извори во Република Српска, документот за раздружување (со нагласка дека тоа не е отцепување) е последица на „континуирано наметнатите проблеми и незаконските дејства со кои се соочува Република Српска од потпишувањето на Дејтонскиот договор до денес“.
– Многу е јасно дека акциите на меѓународната заедница нема да запрат, а нивна крајна цел е токму укинување на Република Српска и создавање унитарна БиХ – изјави Милош Букејловиќ, министер за правда на Република Српска.
Според локални медиуми во Република Српска, оние што работеле на изработката на договорот неформално изјавиле дека „пратениците детално ќе бидат информирани за тоа како се прекршувал Дејтонскиот договор низ годините“, со еден вид бела книга.
За издвојување е дека креаторите на споменатиот Договор за потребата од започнување на процедурата за регулирање на односите меѓу Република Српска и ФБиХ во согласност со Дејтонскиот договор и меѓународните акти инсистираат повеќекратно да биде нагласено дека „не станува збор за отцепување, туку за разединување, и дека токму тоа разединување почнало одамна во Федерацијата БиХ (Сараево)“.
Србите се решени да ја почнат и да ја туркаат процедурата за раздружување
Во Република Српска имаат големи очекувања од нивното собрание, но немаат големи очекувања од Сараево, односно од Федерацијата БиХ.
Жељко Будимир, министер за наука и технолошки развој и високо образование на Република Српска, изјави дека документот е реакција на постојаните напади на меѓународната заедница, како и на политичкото Сараево.
– Она што е во Договорот и што е најважно е тоа дека тој е во согласност со Дејтонскиот мировен договор. И тоа е она што треба да се нагласи. Ние не баравме ништо повеќе од тоа. Република Српска е потписничка на тој договор. Значи, ако може да се вклучите како странка, може да се понуди и потпише и ваков договор. Ќе видиме како политичко Сараево ќе реагира на тоа. Но, досегашната политика од Сараево не покажа разбирање за ништо, затоа не треба да имаме големи очекувања – истакнаа официјални претставници на Република Српска.
– Ние овој документ го направивме многу студиозно. Тоа се заснова на Дејтонскиот мировен договор – потврди и Милорад Додик, претседателот на Република Српска.