Албанскиот премиер Еди Рама денеска во Виена изјави дека Косово мора да ги исполни условите на Европската Унија, во спротивно ќе остане во изолација, пренесе АТА.
На конференцијата „Албанија – нов хоризонт“, Рама го оцени дијалогот меѓу Белград и Приштина под посредство на ЕУ како „голем неуспех“ и истакна дека не е постигнат никаков напредок.
– Тажен сум што нема никаков напредок. Убеден сум дека постои златен пат – рече Рама.
Тој нагласи дека Косово треба да го „направи своето домашно“ за ЕУ, без да се води според тоа што бара Србија.
– Косово мора да ги исполни своите обврски и да ја достави целата тетратка со домашното пред ЕУ. Тоа нема врска со барањата на Србија, туку со она што ЕУ го бара – рече Рама.
Ако Косово постапи така, според него, тоа е во негов најдобар интерес и ќе избегне дополнителна изолација.