Албанскиот премиер Еди Рама во интервју за германски „Шпигел“ меѓу другото оценува дека Москва подгрева конфликт на Балканот и го загрозува кревкиот мир, додавајќи дека „Русија би била задоволна доколку нешто почне во насока на конфликтот во регионот“.
– Дали сте слушнале колку пати Путин го спомнува Косово во своите говори? Постојано повторува: „Косово, Косово, Косово“. Шефот на Кремљ го поттикнува најболниот од сите нерешени проблеми на Балканот и прави сѐ за да запали нов фитил – изјави Рама.
Според негова процена жителите на регионот се поделени на оние кои се против Путин и оние кои го поддржуваат, но оти во Србија „симпатиите за Москва се силни“ а во „Република Српска тие се многу силни“.
– Осумдесет проценти од православните Срби имаат позитивно мислење за Путин. Во Албанија, од друга страна, според анкета спроведена од Владата, поддршката за Путин е 0,7 отсто, истакна Рама.
Тој запрашан за независноста на Косово, признаена од повеќе од сто држави, Рама посочи дека „одлуката за независноста за Косово е правилна“.
– Сега постои и процес на мир и помирување, дури иако тој процес ќе трае долго – додаде Рама.
Тој и со оценка дека во Црна Гора има „длабока поделба меѓу црногорското и српското население“.
– Треба да бидеме внимателни, зашто ова влијание може да се претвори во нешто страшно. Но добро е што го имаме „Отворен Балкан“ – наведе Рама за „Шпигел“.
Весникот потсетува дека по неговиот избор за премиер 2013 година, Рама отпатувал за Белград, што била прва посета на албански премиер по 68 години.