Фото: Фејсбук

Бугарскиот претседател, Румен Радев, денеска, на влегување во Европскиот совет во Брисел изрази надеж дека бугарските пратеници ќе се обединат околу изборот на претседател на 48. Народно собрание, јави БНР.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Радев е зачуден што на самиот почеток на Народното собрание наместо да дава резултати уште од самото свикување, тоа почна со уставна криза.

-Буџетот на Бугарија мора да биде усвоен. Исклучително е важно да бидат усвоени предлог законите што ги подготви техничката Влада за Планот за закрепнување и отпорност, за да можеме од тука да ги бараме траншите според овој план – рече Радев.

Тој го прокоментира и ставот на лидерката на БСП, Корнелија Нинова, дека „Радев има за цел да го уништи парламентаризмот и Бугарија да премине кон владеењето на еден човек“. Радев коментираше дека лидерите на бугарските политички партии, особено на парламентарните, треба да ја преземат својата одговорност, да направат да ги привлечат бугарските граѓани пред гласачките кутии, да имаат многу посериозна застапеност и да не се доаѓа до ваква ситуација.