Фото: „Нова Македонија“

Локални избори во Косово

  • На локалните изборите гласаа 39,58 проценти од над два милиони граѓани со право на глас, за разлика од локалните избори во 2021 година, на кои гласаа околу 43 проценти од околу 1,7 милион граѓани со право на глас

Во Косово во неделата се гласаше на локални избори. Тие беа осми по ред за општински совети и шести по ред за градоначалници. Гласањето се одвиваше во 948 гласачки центри, со вкупно 2.625 гласачки места, од кои 910 центри со 2.571 гласачко место за редовно гласање и 38 центри, по едно за секоја општина, со 54 гласачки места, за да се овозможи условно гласање. Според избирачкиот список, бројот на граѓани со право на глас е 2.025.105, кои се распоредени во 38 општини. На локалните изборите гласаа 39,58 проценти од над 2 милиони граѓани со право на глас, за разлика локалните избори во 2021 година, на кои гласаа околу 43 проценти од околу 1,7 милион граѓани со право на глас.

Соопштение на Централната изборна комисија

Централната изборна комисија (ЦИК) соопшти дека, во 21 општина, изборната трка заврши во првиот круг, додека во 17 други ќе се одржи втор круг. Според прелиминарните податоци од Централната изборна комисија, движењето Самоопределување ја доби трката без втор круг во три општини (Подуево, Каменица и Штимје), како и Демократската партија на Косово (Урошевац, Скендерај, Хани и Елезит). Натаму, Демократската лига на Косово победи во две општини (Липјан, Истог), а Алијансата за иднината на Косово обезбеди победа во Дечани, додека Нисма во Малишева. Во Мамуша победи кандидатот за претседател на Турската демократска партија на Косово (КДКП), додека Листата на Рамиз Ладровци обезбеди победа во Дренас. Српска листа победи во девет општини населени со српско мнозинство, додека во Клокот води, но оди во втор круг со Српското национално единство.

Која партија колку освоила?

Движењето Самоопределување ќе оди во вториот круг во 12 други општини. Во две од нив се рангираше на првото место, додека во 10 општини кандидатите на ЛВВ за градоначалник се втори по гласови. Понатаму, Демократската лига на Косово ќе оди во вториот круг во девет општини (во шест општини се рангираше на првото место, додека во три други се рангираше на второто место), а Демократската партија на Косово ќе продолжи во вториот круг во шест општини, од кои во четири се рангираше на првото место, додека во две други се рангираше на второто место. Алијансата за иднината на Косово ќе се натпреварува во вториот круг во пет општини, каде што во четири се рангираше на првото место, додека во една се рангираше на второто место.
Трката за градоначалници останува отворена во клучните градови, вклучувајќи ги Приштина, Призрен, Пеќ, Ѓаковица и Митровица, откако ниту еден од кандидатите не обезбеди над 50 отсто од гласовите. Според прелиминарните резултати, изборот на 21 општина е завршен во првиот круг.

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, обвини дека Србија континуирано
интервенира во изборните процеси преку Српската листа

Во меѓувреме, најголемата партија на косовските Срби, Српската листа, победи во сите десет општини каде што Србите се мнозинство (единствено во општината Клокот ќе има втор круг на гласање). Но, во јавноста, претседателката на Косово, Вјоса Османи, обвини дека Србија континуирано интервенира во изборните процеси преку Српската листа.
– Како што знаете, Србија постојано интервенира во изборни процеси на Косово, ние природно со институциите за безбедност ќе направиме сè за да им се гарантира правото на слободно гласање на сите граѓани на Косово, вклучувајќи ги и оние на северот. Сепак, се надевам дека по извештајот на европарламентарниот известувач за Косово, ќе имаме и повеќе меѓународни институции што ќе реагираат и ќе преземат мерки за овие флагрантни кршења на меѓународното право од страна на Србија, кои вклучуваат и директна интервенција во изборите на друга држава, и во овој случај на Косово, користејќи различни методи, вклучувајќи и криминални за овие интервенции – истакна Османи.

Српскиот претседател Вучиќ ги отфрли ставовите на Вјоса Османи

Српскиот претседател Александар Вучиќ ѝ ја честиташе изборната победа на Српската листа.
– Горд сум што, иако нè отпишаа, успеавме да возвратиме и не можат да ги укинат српското име и презиме и никогаш нема да го сторат тоа. Секогаш ќе стојам покрај вас, сестри и браќа – порача Вучиќ.
Претставници на ЕУ и дипломати, вклучувајќи ги британскиот амбасадор Џонатан Харгривс и амбасадорот на ЕУ Ајво Орав, ги набљудуваа изборите, оценувајќи го процесот како важен за демократијата и за очекуваното враќање на Србите во косовските институции.
Вториот круг на локалните избори во Косово е закажан за 2 ноември. Р.С.


Тешкиот пораз во Јужна Митровица навестува дебакл на Курти

Во Јужна Митровица, кандидатот на движењето Самоопределување и актуелен министер Фатон Пеци претрпе пораз на локалните избори, додека кандидатот на Демократската партија на Косово (ДПК), Аријан Тахири, убедливо победи во првиот круг, објавија албанските медиуми.
Албанските медиуми пишуваат дека постои голема веројатност Курти да го доживее најголемиот дебакл на локалните избори, сметајќи ги оние од пред четири и осум години.
Според анкетата спроведена од „УБО консалтинг“, Арјан Тахири од ДПК освои 55,9 проценти од гласовите, објавија новинарите. По објавувањето на резултатите, градоначалникот на Митровица, Бедри Хамза, реагираше јавно и им се заблагодари на граѓаните за нивната поддршка за кандидатот на ДПК. Р.С.


НАТО ја нагласува важноста од координација со мисијата на КФОР

Кој ќе лета со косовските дронови?

Косовските власти неодамна се пофалија дека добиле илјадници беспилотни летала од Турција, но засега не е познато под кои околности на Косово ќе му биде дозволено да ги користи дроновите со оглед на тоа што само мировната мисија КФОР, предводена од НАТО, има надлежност над косовскиот воздушен простор
– Од суштинско значење е секоја активност во воздушниот простор на Косово да биде правилно координирана со мировната мисија на НАТО во Косово – КФОР, за да се спречат тензии и да се гарантира безбедноста – изјави за Радио Слободна Европа функционер на западната воена алијанса, по повод неодамнешната објава на косовските власти што предизвика силна реакција од Србија.
Тој нагласи дека КФОР е во тесен контакт со косовските безбедносни агенции и српските вооружени сили.
– КФОР редовно го следи воздушниот простор на Косово, користејќи ги сите средства и ресурси што му се на располагање, во согласност со неговите постојни овластувања и мандати, според Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации од 1999 година – посочи претставникот на НАТО.
КФОР, по косовската полиција и Мисијата на Европската Унија за владеење на правото (ЕУЛЕКС), останува главен гарант за безбедноста во Косово. Мисијата на НАТО е одговорна, меѓу другото, за безбедноста на границата меѓу Косово и Србија. НАТО го зголеми своето присуство во Косово во 2023 година, по зголемените тензии на северот со српско мнозинство, и сега има 4.649 мировници од 33 земји.
Косово, според тамошните функционери, добило дронови „скајдагер“ (Skydagger RTF 7 и Skydagger RTF 15), кои се стекнати, како што велат тие, за одбранбени цели. Не е познат точниот број на дронови што ги поседува Косово.
Дроновите „скајдагер“ имаат можност да бидат опремени со експлозивно средство за употреба против стационарни и подвижни цели, како и со специјални додатоци за надзор и набљудување и акции за пребарување и спасување.
Косовските безбедносни сили (КБС), кои се во процес на трансформација во армија, во август годинава беа опремени со оклопни возила купени од САД. Минатата година тие аплицираа за купување на уште 200 противтенковски ракети „џавелин“, додека во 2023 година купија и флота од турски дронови „бајрактар“. Во последните години косовската влада го зголеми буџетот за одбранбениот сектор што сега достигна 207,8 милиони евра. Р.С.