Бугарија: Незапаметен случај со шест жртви ја потресува државата
- На 2 февруари биле пронајдени три тела во близината на запалена планинска колиба кај Петрохан, а неколку дена подоцна уште три лица биле откриени мртви во камп-приколка паркирана под врвот Околчица. Се верува дека двата настана кај планинскиот превој Петрохан и под врвот Околчица се меѓусебно поврзани
Шест смртни случаи во кои сите жртви биле пронајдени со прострелни рани ја потресуваат бугарската јавност со денови. На 2 февруари биле пронајдени три тела во близината на запалена планинска колиба кај Петрохан, а неколку дена подоцна уште три лица биле откриени мртви во камп-приколка паркирана под врвот Околчица. Се верува дека двата настана кај планинскиот превој Петрохан и под врвот Околчица се меѓусебно поврзани.
Надлежните во Бугарија нагласија дека истрагата е во напредна фаза, но дека сè уште не може да се зборува за заклучоци, при што најновите наоди од истрагата беа презентирани на прес-конференција на Министерството за внатрешни работи и на обвинителството на Бугарија, која беше одржана завчера.
– Станува збор за случај без преседан во нашата пракса – изјави директорот на Главната дирекција за национална полиција, Захари Васков, посочувајќи дека комбинацијата на повеќе жртви на различни локации е досега незабележана во Бугарија.
Досега се наредени вкупно 18 судско-медицински, балистички и технички вештачења, а сослушани се 15 сведоци, меѓу кои и лица блиски до починатите, како што информира обвинителката Христина Лулчева, додавајќи дека обдукциите потврдиле оти сите шест жртви починале од истрели во главата, при што не биле забележани траги што би укажувале на борба или на вмешаност на трети лица на самите локации.
– Во моментов се разгледуваат две главни верзии – убиство по кое следува самоубиство или самоубиство извршено од повеќе лица – соопшти заменик-обвинителката Наталија Николова.
Таа наведе дека истражните органи внимателно ја анализираат поврзаноста меѓу двата настана, како и психолошката состојба и односите меѓу лицата што биле дел од групата.
На снимките од надзорни камери од областа кај Петрохан, според обвинителството, се забележува дел од групата како разговара и се разделува, веројатно непосредно пред погубувањето.
Случајот отвори голем број прашања и сомнежи во бугарската јавност, како и меѓу блиските на жртвите. Роднини на дел од починатите јавно ја оспоруваат верзијата за самоубиство и бараат целосно и транспарентно расветлување на настаните. Во некои од бугарските медиуми е изнесена и теоријата дека станува збор за ритуална смрт, што досега не е докажано. Од обвинителството уверуваат дека истрагата продолжува и дека сите докази ќе бидат детално анализирани пред да се донесе конечна одлука. Р.С.
































