Косово
Единаесеттиот обид за конституирање на косовското собрание – не успеа! И овој пат, како и претходните двапати, не беше можно да се формира изборна комисија за тајно гласање за претседател на Собранието, како што побара движењето Самоопределување.
Имено, 56 пратеници на Самоопределување гласаа за избор на комисија за гласање за претседател на Собранието, а еден пратеник беше против. Претседателот рече дека и овој пат, како и минатиот пат, нема кворум и го закажа продолжението на седницата за денеска во 10 часот наутро.
Конститутивната седница на Собранието започна на 15 април, а до денес е прекината десет пати, последниот пат на 3 мај, бидејќи дури и тогаш не беше прифатен предлогот на Самоопределување гласањето за избор на претседател на Собранието да биде тајно.Кандидатката на Самоопределување, Аљбуљена Хаџију, шест пати не го доби потребниот број гласови за да биде избрана за претседател. Во шест обиди за избори, таа никогаш не добила повеќе од 57 гласа, додека за избор на претседател на парламентот се потребни 61 глас.
Опозицијата повторува дека нема да гласа за Хаџију, додека Самоопределување наведува дека нема да го менува кандидатот за претседател на Собранието.
На изборите на 9 февруари, Самоопределување освои 48 мандати, Демократската партија на Косово 24, Демократскиот сојуз на Косово 20, Алијансата за иднината на Косово и иницијативата Нисма осум, Српската листа девет, Партијата за слобода, правда и опстанок еден, а преостанатите 10 мандати им припаѓаат на претставници на другите немнозински заедници. Р.Б.