Косовската НВО „Актив“ го реализира својот најнов проект
Невладината организација „Актив“ од Северна Митровица ја промовира својата нова интернет-страница, чија цел е да придонесе за зближување меѓу српската и албанската заедница во земјата, јави дописникот на МИА од Приштина. Порталот е насловен „Српско-албанско пријателство“, а неговите содржини се достапни на три јазици – српски, албански и англиски.
На промоцијата на порталот, неговата авторка Александра Павловиќ изјави дека цел на проектот е „посебно младите да научат за добрите страни на српско-албанските односи, за кои не се знае доволно“, објави косовскиот медиум на српски јазик Радио КИМ.
– Тука може да се најдат различни приказни, како на пример за (актерите) Фарук Беголи и Беким Фехмиу, за Скендербег, за српско-албанските врски во средниот век. Сите тие врски ве водат кон поголема воздржаност. Тоа не се класични академски истории, туку имаат повеќе новинарски карактер – изјави Павловиќ.
Извршниот директор на Фондот на Косово за хуманитарно право, Беким Бљакај, рече дека „една таква интернет-страница им е потребна на Србите и на Албанците на патот кон помирувањето“.
– Главно луѓето во Косово и во Србија ги користат или ги добиваат информациите што им ги нудат медиумите, било електронски или од друг вид, и никогаш не можат лесно да дојдат до информации како овие што ги нуди овој портал. Мислам дека е многу значајно тие што се заинтересирани, посебно младите, да имаат извор на информации за српско-албанските односи низ историјата – изјави Бљакај.