Предизвици поврзани со стратешките природни ресурси на Балканот
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, зборувајќи на вонредна седница на парламентот по повод 30-годишнината од потпишувањето на Дејтонскиот договор, истакна дека во последните неколку години, обемните геолошки истражувања потврдиле дека Република Српска лежи на огромни резерви на критични минерали, вклучувајќи литиум, бор, стронциум, натриум и калиум.
– Ова не се обични минерали. Тие вредат 100 милијарди долари. Ова се стратешки ресурси. Тие се неопходни за електрични возила, одбранбени системи, складирање енергија и напредни технологии, тука, во Америка, во Европа и низ целиот свет – рече Додик.
Тој истакна дека особено значајни се наоѓалиштата во басенот Лопар, кој, како што наведе, е еден од најперспективните неискористени наоѓалишта на литиум и бор во Европа, ако не и во светот. Но, додаде тој, за разлика од другите локации, кои се соочуваат со војна, нестабилност или отпор од локалното население, „ние имаме геолошки потенцијал, социјална стабилност и политичка волја да ги развиваме одговорно“.
– Прашајте се: Зошто (високиот претставник) Кристијан Шмит се појави во 2021 година во истиот момент кога геолошките експерти ги потврдија овие наоѓалишта? Зошто, по години таканаречена неутралност, тој започна кампања за криминализирање на Законот за имот на Република Српска, суспендирање на финансирањето од буџетот на нашата партија и закана за нашите институции? Зошто сака канцеларија во Сараево за управување со ресурсите? Зошто толку брзање, толку очај, за префрлање на сопственоста на имотот и ресурсите од ентитетот во Сараево – праша Додик.
Како што изјави тој, одговорот е едноставен, бидејќи минералите значат пари, моќ и развој. Тој им порача на граѓаните на Република Српска дека ова е „наш момент – не да влеземе во битка, туку да се исправиме“.
– Во светлината на оваа годишнина, му велиме на светот, а особено на Соединетите Американски Држави: Ние не сме ваш проблем. Ние сме ваш партнер. Секако, ако нè прифатите. Не ве молиме да ги решите нашите политички проблеми. Ве молиме само да се сетите на договорот што го напишавте – и да ни помогнете да се вратиме на него. Подготвени сме да придонесеме за вашите стратешки цели, како што се, на пример, минералите, стабилноста и традиционалната дипломатија – рече Додик.
Тој истакна дека сè што Република Српска бара за возврат е придржување кон „истите принципи што го овозможија Дејтон“, имено согласност, уставност и суверенитет. Р.С.