Фото: „Нова Македонија“

Албанија

  • Мрежи на исклучително добро организирани иновативни форми на криминал користат кол-центри во Албанија за да ги измамат луѓето од регионот на нашето опкружување (Србија, Грција, Албанија…), а и низ цела Европа, залажувајќи ги со ветувања за големи профити од (измамнички) инвестиции и користејќи софистицирани техники на социјален инженеринг. Засега нема пријави за „измамени инвеститори од Македонија“. Меѓутоа, ова е можност да се алармираат сите граѓани во Македонија (кои се подготвени да инвестираат онлајн на платформи за тргување) дека веќе постојат и агресивно работат онлајн инвестициски платформи, во чија заднина се добро организирани криминални структури и дека парите вложени таму, без соодветни проверки, се однапред изгубени…

Сѐ започна во јуни 2019 година со пребарување на Гугл за „инвестициски можности“. Резултатите ги одведоа Карина Кристин Бруениг и нејзиниот сопруг Кристоф на веб-страница на наводна платформа за тргување наречена „Глобаликс“, пишува „Балкан инсајт“. Двојката се регистрираше и за неколку минути телефонот заѕвони во нивниот дом во Ашафенбург, Германија, на околу 40 километри источно од Франкфурт.
На другиот крај од линијата беше маж, кој се претстави како нивен менаџер на инвестициски сметки, извесен д-р Адријан Рос. Тој го водеше Кристоф низ процесот на верификација, за Кристоф да направи почетен депозит од 250 евра. Потоа уплати 750 евра, а во текот на следните месеци уште повеќе, поттикнат од Рос, кој му кажа дека тоа е единствениот пат до попрофитабилни инвестиции.
Кристоф го следел онлајн напредокот на своите „инвестиции“, гледајќи како расте неговата добивка на графикони на платформата „Глобаликс“. Кристоф и претходно се занимавал со инвестиции, но немал поим дека графиконите пред него се лажни или дека Рос всушност е млад Албанец од кол-центар во Тирана. Една година подоцна, по серија неуспешни обиди за повлекување на своите пари, Германецот сфатил дека е измамен и се обратил во полиција.
Обвинителите во германската покраина Баварија добиле десетици слични жалби помеѓу 2019 и 2021 година од германски граѓани, кои биле измамени преку најмалку пет лажни онлајн инвестициски платформи. Тие ги поврзале платформите со криминална организација, која управувала со повеќе кол-центри во Израел, Србија и во Албанија. Притоа имало голем број измамени и во Грција и Велика Британија, додека во Германија најмалку 105 лица биле измамени за милиони евра, а можеби и повеќе со оглед на тоа што не ја пријавиле сите измамата во полиција.

Инвестициските измами во извонредно нагорен тренд како нова форма на
сајбер-криминал

Обвинителите за сајбер-криминал во Баварија велат дека измамниците напредуваат, и покрај напорите на агенциите за спроведување на законот.
– Измамничките онлајн инвестициски платформи сè уште градат просперитетен пазар на кој не само една или две, туку доста организирани криминални групи предизвикуваат огромна штета, не само во Германија туку и во голем број земји во Европа – рече Нино Голдбек, виш јавен обвинител во Баварската централна канцеларија за гонење сајбер-криминал.
Во сè поповрзаниот и дигитален свет, инвестициските измами полека, но сигурно стануваат една од најраспространетите форми на финансиски криминал. Според Интерпол, помеѓу 2022 и 2023 година, 85 проценти од меѓународните барања за апсење, таканаречените „црвени известувања“, се однесуваа на случаи на измама.
Само во 2023 година, Центарот за финансиски криминал и борба против корупција на Интерпол поддржа повеќе од 700 истраги за шеми за измама во вкупна вредност од 1,2 милијарда долари, или милијарда евра. Еден од двата главни вида измами вклучуваше токму – лажни инвестициски шеми.
Жртвите се мамени од реклами на социјалните медиуми, лажни веб-страници и апликации, како и од операции за телемаркетинг што се водат од кол-центри, каде што операторите вршат непобарани повици и применуваат психолошки притисок или техники на социјален инженеринг за да ги убедат целите да инвестираат во лажни финансиски шеми, ветувајќи високи приноси.
Голдбек вели дека клучот за измамата се контакт-податоците на заинтересираните инвеститори, обично собрани преку големи рекламни кампањи што ги водат специјализирани маркетинг-компании на социјалните медиуми.
А Тирана, со својата млада, повеќејазична работна сила, стана центар за вакви кол-центри во последните пет години. Измамничките кол-центри честопати се маскираат како легитимни бизниси, при што операторите ги усвојуваат јазикот и манирите на инвестициските советници за да ги манипулираат своите жртви. Поради природата на измамата, речиси е невозможно да се знае колку жртви има низ целиот свет.