Пожар избувнал претпладнево пред српскиот Парламент во Белград каде се поставени шатори. Пожарникарите го гаснат со три возила.
На пожарот како што е објавено на социјалните мрежи му претходеле истрели во еден од шаторите.
Веднаш реагирала полицијата по што е приведено едно лице.
Од Итната помош објавија дека еден маж е ранет во еден од шаторите пред да избувне пожарот откако во него било пукано од огнено оружје и тој е префрлен во Ургентниот центар на Белград.
Пожарникарите ги отворале и други шатори и проверувале што има во нив.
Во Собранието во момент на инцидентот се одржувала седница која не била прекината.
Околу парламентот има голем број полицајци, вклучувајќи и членови на САЈ, и никому не му е дозволено да помине покрај зградата на Парламентот.
Министерот за здравство на Србија, Златибор Лончар на прес-конференција изјави дека „имале исклучително тежок случај“.
– Разговарав со човек кој бил застрелан и бил направен обид тој да биде запален. Сега е во операциона сала, со куршум кој е во ногата. Пациентот вели дека никогаш не го видел човекот што го застрелал – изјавил Лончар.
Министерот за здравство истакна дека пред Народното собрание било пукано повеќепати.
– Човекот пукал повеќепати и кога не бил задоволен од тоа колку испукал, сакал да ги запали и предизвикал пожар. Повредите на повредениот се многу сериозни, се надевам дека ќе преживее. Дали сме стигнале до точка каде што, само затоа што имаме луѓе кои размислуваат поинаку, можат да страдаат? Ова е последно предупредување за сите нас и не смее да се случи повторно, ќе западнеме во многу сериозни проблеми – заклучи министерот за здравство Златибор Лончар во вонредно обраќање до медиумите во Ургентниот центар на Клиничкиот центар на Србија.