ХРВАТСКА
Ангел Митревски,
наш известувач од Хрватска
Големо интересирање во хрватската јавност деновиве предизвикува фактот дека по речиси две децении, Хрватска повторно воведува задолжителна воена служба. Првата нова генерација регрути би можела да започне со обука уште оваа есен.
Токму деновиве, хрватскиот министер за одбрана Иван Анушиќ и министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ ги презентираа измените на Законот за служба во вооружените сили на Република Хрватска. Тие отворија некои аспекти за тоа како ќе изгледа основната воена обука, но открија и дека ќе постои нова можност – отслужување казна преку системот за цивилна заштита. Имено, основната воена обука ќе трае два месеца и ќе се одвива во касарни во Книн, Слуњ и Пожега. Сепак, за оние што поради религиозни или морални погледи не сакаат да служат воена служба во класична воена форма се обезбедува можност за цивилна служба.
Времетраењето на отслужувањето на воениот рок ќе варира, во зависност од карактерот (воената форма), за тоа, како истата таа се извршува. Во цивилната заштита, службата трае три месеци, додека во единиците на локалната и регионалната самоуправа таа се извршува четири месеци. Во овој период, цивилните регрути имаат право на месечен надоместок, обезбедено сместување и храна, како и права како што се надомест на трошоците за превоз и итно отсуство во посебни животни ситуации. Студентите имаат право да го одложат до 30 јуни од годината во која наполнуваат 29 години, под услов да поднесат потврда за запишување до 31 октомври. Исто така, по лично барање и со поддршка на Хрватскиот олимписки комитет или националната спортска федерација, државната служба може да се одложи до една година за спортисти што учествуваат на (важни) натпревари.
Предвидени се санкции за оние што нема да се јават на поканата. Доколку некој не се јави на повик за воена или цивилна служба без оправдување, може да биде казнет со парична казна од 250 до 1.320 евра. Во случај на непостапување, може да се ангажира полицијата за да го доведе лицето до надлежното одделение или до најблиската воена единица.