Во Белград денеска е потпишан Меморандум за соработка меѓу агенциите за цивилно воздухополовство на Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија, Албанија и Турција.
Меморандумот предвидува јакнење на соработката во областа на цивилното воздухопловство, заеднички настап пред меѓународните организации, меѓусебно признавање на дозволите и заедничка организација на обуки за безбедноста во меѓународниот авиосообраќај.
Со потпишувањето на Меморандумот, надлежните институции ја поддржуваат иницијативата за основање на центар за обука со седиште во Белград и согласни се заеднички да делуваат во Европската комисија и Европската агенција за безбедност на воздушниот сообраќај за автоматско признавање на пилотските дозволи, дозволите за одржување на авионите и дозволите за контрола на летање.
На потпишувањето на Меморандумот, како што соопшти српското Министерство за градежништво, сообраќај и инфраструктура, присуствувале српскиот министер за градежништво, сообраќај и инфраструктура Горан Весиќ и претседателот на Европската конференција на цивилно воздухопловство и директор на италијанското цивилно воздухопловство Алесио Кваранта.
Според Весиќ, ова е прв ваков Меморандум потпишан во Европа и тој најдобро отсликува како изгледа идејата „Отворен Балкан” во пракса.
– Овој Меморандум покажува како изгледа идејата „Отворен Балкан“. Да направиме од Балканот заедничка куќа во која секој ќе биде на своето, но на сите ќе ни биде подобро – порачал Весиќ, додавајќи дека иницијативата „Отворен Балкан“ како и повикот за регионална соработка е отворен за сите останати држави.
Посочил дека секоја соработка, особено економската, е суштински клуч за решавање на сите други политички проблеми.
– Нас не делат граници, но имаме сличен менталитет, заедничка историја и нашата иднина е во што поблиска соработка во секој сегмент – истакнал Весиќ.