Обилните и интензивни врнежи од дожд присутни на целата територија на Албанија, од вчера доцна попладне, предизвикаа поплави во повеќе градови, а најкритична е состојбата во пристанишниот град Драч, во севрозападниот округ Лежа, на север во округот Кукс, како и во уште неколку окрузи.
-Драч е најпогоден град, од лошите временски услови, каде има области каде нивото на водата на улиците достигнува и до 50 сантиметри. Патиштата остануваат речиси непроодни во многу населби во градот. Наставата е прекината во повеќето училишта во Драч поради ситуацијата создадена од обилните дождови и блокадите на патиштата. Според локалната канцеларија за образование на Драч, родителите и наставниците се известени да избегнуваат движење додека не се смири ситуацијата – објави „Топ чанел“.
Според истиот извор, воведена е забрана за испловување на бродови и траекти, поради високите бранови и силниот ветер. Моментно, десет семејства се евакуирани поради поплавување на нивните домови и се сместени во Домот за рехабилитација на Министерството за внатрешни работи.
Ништо подобра не е состојбата и во другите окрузи, каде има одрони од камен и повеќе свлечишта. Ситуацијата се влошува и на автопатот Драч-Тирана, каде што неколку возила се онеспособени и предизвикуваат проблеми поради високото ниво на вода во некои сегменти од овој важен пат.
-Во Драч се ангажирани армиски возила и припадници на армијата од Базата за поддршка на цивилни вонредни ситуации за справување со ситуацијата со поплавите. Во операцијата се ангажирани се и моторни пумпи, со голем капацитет. Возилата работат и во областа Шкозет, на автопатот Драч-Тирана и на патот Бургу за справување со ситуацијата на терен. Сите служби се на терен, ги замолуваме граѓаните да не излегуваат од дома без некоја поголема потреба – објави доцна попладнево министерот за одбрана, Пиро Венгу.
Прекин во наставата и евакуации има и во округот Лежа и Кукс, каде поради искинати далноводи, од силниот ветер, во повеќе населени места има прекин во снабдувањето со електрична енегија
Надлежните информираа дека преполни се и трите вештачки акумулации на каскадата на реката Дрим, каде веќе се отворени портите на браните и се испушта по 700 кубни метри вода во секунда, што според медиумите дополнително може да ја влошат состојбата со поплави во овој дел на земјата.


































