Албанскиот Институт за статистика во 2020 година ќе спроведе попис на населението, домаќинствата и земоделските стопанства, девет години по последната значaјна статистичка операција.
За првпат во пописниот формулар ќе постои графа на која граѓаните ќе може да ја искажат, по своја волја, етничката и верска припадност.
Директорката на Институтот, Делина Ибрахимај, вели дека формуларот ќе биде поделен на два столба и тоа со задолжителни и незадолжителни прашања.
-Формуларот за попис ќе биде поделен на два столба, суштествени прашања на кои граѓанинот задолжително треба да даде одговор и несуштински прашања на кои не е должен да одговори. Прашањата се однесуваат на географските и демографските карактеристики, миграцијата, економските карактеристики на населението, за лицата со посебни потреби, има некои прашања во врска со карактеристиките на земјоделството и етно-културните карактеристики- вели Ибрахимај.
Таа посочува дека по првпат попишувачот ќе го поставува и прашањето за верската припадност, но бидејќи тоа е лично право на секој поединец, ова прашање не е задолжително да се одговори.
– Во формуларот ги поставуваме прашањата за етничката и верска припадност, но на нив одговорот не е задолжителен. Даваме можност секој поединец слободно да одговори или не на овие прашања.Тоа со цел да се избегнат многуте дебати присутни при претходните пописи – нагласува Ибрахимај.
Со цел да се надминат проблемите со личните податоци, Инситутот,во подготовката на формуларот соработувал со Комесарот за заштита од дискриминација и ги почитувал стандардите на европските земји, Обединетите нации и Канцеларијата за статистика при ЕУ,Евростат.
Со пописот што ќе се спроведе во 2020 година, нема да бидат опфатени дипломатите и странските претставништа кои свои мисии имаат во Албанија.
Според пописот спроведен во октомври 2011година Албанија има 2.891.977 жители. Од вкупната попишана популација, со постојано место на живеење во Албанија се 1.421.810 жители, додека другите се со престој во странство до една година. Споредено со податоците од пописот во 2001 година бројот на вкупната популација е помал за 7,7 отсто, како резултат на емиграцијата и намалениот наталитет.
Пописот го бојкотираа припадниците на малцинствата, но попишувачите ги попишуваа врз основа на податоците од матичните служби на населеното место.