Словенија
Цените на нафтените деривати во Словенија достигнаа рекордно ниво, па литар бензин на пумпите чини 1,617 евро, а дизел 1,817, додека на пумпите на автопатите цените се и повисоки.
Идниот премиер Роберт Голоб ги обвини дистрибутерите на нафтените деривати за картелско договарање при зголемувањето на малопродажните цени, што го овозможила Владата во заминување на Јанез Јанша. Според Голоб, од политички причини не ги продолжи лимитираните цени, кои беа во сила до средината на март.
– Владата на Јанша со одлуката за прекин на регулираните цени на горивата се одмаздува за поразот на изборите – изјави Голоб.
Тој изрази огорчување од одлуката на дистрибутерите, кои веднаш штом станало јасно дека Владата на Јанша нема да продолжи со ограничувањето на цените на горивата, побрзале со големо поскапување, при што разликите во цените меѓу дистрибутерите се минимални, што сугерира дека се договарале.
Голоб најави дека неговата партија, ако таквиот тренд продолжи, ќе ја повика Агенцијата за пазарна конкуренција да преземе мерки против таквото однесување на пазарот.
Подготвил: Митко Јовановски