Фото: Фејсбук/Совет на Европа

Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) денеска го поддржа приемот на Косово во членството на Советот на Европа и го повика Комитетот на министри да донесе таква одлука. Предлог-мислењето за барањето на Косово за членство со кое се препорачува прием на Косово во Советот на Европа на денешната седница во Стразбур го поддржаа 131 пратеник, а 29 гласаа против.

Претседателката на Косово Вјоса Османи оцени дека денешното гласање во Парламентарното собрание на Советот на Европа за членство на Косово во оваа меѓународна организација е историски момент на европскиот пат на Косово.

Како што пренесе Бета, таа додаде дека ова е доказ за „придржување кон правдата, еднаквоста и основните принципи на демократијата“ на Косово.

– Од се срце им благодарам на сите што гласаа „за“ за поддршка на сите граѓани на Косово и нашата кауза за човекови права. Му честитам на Косово и на сите кои придонесоа за ова историско достигнување – напиша Османи на социјалните мрежи.

Според неа, ова е уште еден чекор кон полноправно членство во Советот на Европа.

По веста дека Парламентарното собрание го усвои предлогот за прием на Косово во Советот на Европа, со реакција се огласи српскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Ивица Дачиќ кој изјави дека „денеска е ден на срамот во Парламентарното собрание на СЕ, бидејќи за првпат во историјата препорачано е членството на нешто што не е држава, кое не ги исполнуваат основните услови во доменот на човековите права и слободи“, јави дописникот на МИА од Белград.

– Денес е ден на срамот во Парламентарното собрание на Советот на Европа. За прв пат во историјата се препорачува членство на нешто што не е држава, кое не ги исполнува основните услови во доменот на човековите права и слободи. Напротив, веќе 11 години одбива да формира Заедница на српски општини, што е нивна меѓународна обврска и спроведува политика на терор врз српскиот народ и етничко чистење – се наведува во изјавата на Дачиќ што ја соопшти неговиот кабинет.

Во неа се додава дека „оваа одлука, наметната од силата на меѓународните моќници, се поткопуваат темелите на Советот на Европа и меѓународниот правен поредок“.

– За кој принцип на заштита на територијалниот интегритет ќе продолжат да зборуваат кога го нарушија територијалниот интегритет на Србија – прашува Дачиќ во реакцијата, порачувајќи дека „ќе ја продолжиме нашата борба со сите сили, ќе се бориме оваа одлука да не биде донесена на Комитетот на министри на 16 мај“.