Фото: ЕК

Претседателката на Бугарија Илијана Јотова денеска ја започнува процедурата за назначување на службена влада. Првата средба на Јотова ќе се одржи утре со претседателката на Парламентот, Раја Назарјан, информираат од прес-службата на шефицата на државата.

Од потпишувањето на указот за назначување на привремената влада директно зависи и датумот на претстојните предвремени парламентарни избори. Се очекува Јотова да оствари разговори со сите потенцијални кандидати за функцијата службен премиер.

Согласно последните измени во Уставот на Бугарија, шефот на државата има ограничен избор за оваа позиција. Кандидатот мора да биде избран од листа на функционери која ги вклучува: претседателот на Народното собрание, гувернерот и вицегувернерите на Бугарската народна банка (БНБ), омбудсманот и неговиот заменик, како и претседателот на Ревизорскиот суд и неговите заменици.

Дел од потенцијалните кандидати веќе јавно одбија да ја преземат функцијата, вклучувајќи ја и Раја Назарјан.

Откако Јотова ќе го номинира кандидатот за службен премиер, тој треба да предложи состав на кабинет. По консултациите со парламентарните партии, се пристапува кон потпишување на указ за назначување на владата. Доколку процедурата се пролонгира, изборите за нов парламент најверојатно ќе се одржат по Велигден.