Европската Унија (ЕУ) преку наводен план во 13 точки се обидува да постигне нормализација на односите помеѓу Србија и Косово, сметајќи на евентуалната евроинтеграција на Западен Балкан што би претходела, како и на меѓусебното признавање помеѓу двете спротивставени страни како крајна цел. Ваквата информација што ја објави весникот „Албаниан пост“, а ја пренесоа регионалните медиуми, на прва делува како пробен балон, но сепак, го отвора прашањето за можен договор, особено поради засилената дипломатска активност на Франција, Германија и на САД во регионот, во изминатиот период.
Според планот, што засега нема формална потврда, се предвидува в година да биде потпишана втора спогодба за нормализација на односите помеѓу Србија и Косово по онаа во 2013, со која Србија фактички ја прифаќа реалноста за независно Косово, но без формално признавање. Во новата рамка за дијалогот помеѓу Србија и Косово, составена по ангажманот на Германија и Франција, хипотетички се истакнува дека во подоцнежна фаза, по 10 години, кога ЕУ ќе биде подготвена за проширување во кое ќе биде вклучен и Западен Балкан, би дошло до договор за заемно признавање, како предуслов за членство на Косово и Србија во ЕУ.
– Во меѓународните односи сѐ е пробен балон, доколку не го прифатат двете страни. Идеите се на маса врз основа на реалноста на терен, дека Србија и Косово треба да ги нормализираат односите. И српскиот претседател Александар Вучиќ имаше изјава дека српската политика треба да се заснова на реалните прилики. Сѐ уште нема формална понуда, но таа набргу може да се преточи во формален документ ако има согласност. Во последните шест месеци имаше три-четири идеи за Косово и не верувам дека напорите би се намалиле – смета Арсовски.
Се смета дека т.н. „нова рамка“ е предлог што произлезе од директното вклучување на францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц во процесот за дијалог помеѓу Косово и Србија, бидејќи во документот се истакнува дека „Косово и Србија сами никогаш нема да можат да го решат проблемот“, според „Албаниан пост“.
– Се забележува попрагматична и поактивна улога на меѓународната заедница во регионот, што беше видливо и според подготвеноста да дојде до договор помеѓу Македонија и Бугарија. Во Бугарија дури падна Владата, а договорот беше прифатен – посочува Арсовски.
Документот на четири страници опфаќа десетгодишна визија за решавање на проблемот и пружа „макроперспектива“. Составен е од вовед, три дела со три поднаслови што содржат 13 точки, а албанскиот весник тврди дека документот им е претставен на косовскиот премиер Албин Курти и на српскиот претседател Александар Вучиќ по посетата на француските и германските претставници на регионот. Во предлогот се превидуваат и понатамошните чекори во случај на неприфаќање од страна на Косово и на Србија.
Важно е да се напомене, дека ако предлогот биде прифатен, независноста на Косово треба да ја признаат и петте членки на ЕУ што сега се противат (Шпанија, Кипар, Грција, Словачка и Романија), а Србија би имала корист од огромна финасиска помош.