По неколкугодишно функционирање, во Хрватска на почетокот на оваа седмица, без претходни најави, прекина со работа голема пирамидална платформа, оставајќи илјадници Хрвати со загуби тешки по неколку илјади евра. Голем број Хрвати веќе се огласија на социјалните мрежи со сведоштва дека на пирамидалната платформа ги вложиле и своите животни заштеди и останале без нив… Станува збор за платформата „Ксуекс“ (XUEX) и инвестиции во криптовалути, која е во сопственост на „ЕГ инвестмент груп“. За издвојување е дека споменатата платформа некако синхронизирано згасна со работа на крајот на минатата недела во Србија, а кратко претходно и во Албанија
Во Хрватска отворена голема финансиска афера
Многу мои пријатели и познаници деновиве останаа со „куси ракави“. Не дека е лето и дека навистина треба и да е така. Но оваа метафора всушност означува дека многумина Хрвати загубија и по повеќе илјади евра „инвестиција“ во платформата „Ксуекс“ (XUEX), во сопственост на „ЕГ инвестмент група“ (EG Investment Group). Имено, сѐ уште непознат број Хрвати, а се претпоставува дека се повеќе десетици илјади граѓани на Хрватска, инвестираа пари бидејќи платформата „Ксуекс“ им ветуваше сигурна и брза заработка. На пример, на платформата се објаснуваше дека оние што вложуваат, првите резултати ќе ги забележат за околу 50 дена и дека влогот за тој период двојно ќе им се зголеми. И навистина, на почетокот некои „инвеститори“и го почувствуваа тоа, но шемата функционираше така што колку повеќе луѓе носи „инвеститорот“ толку е поголема наградата.
Подемот и падот на пирамидалната платформа „Ксуекс“
Токму платформата „Ксуекс“ силно се рашири во последните неколку месеци, а на социјалните мрежи сѐ повеќе се појавуваа „сведоштва“ за тоа „колку е лесно да се заработат пари тргувајќи со криптовалути преку таа платформа“. Плаќањата најчесто биле од 1.000 евра, па нагоре, под услов да е инсталирана апликацијата Ксуекс, да се отвори сметка на апликацијата Телеграм и лицето да има банкарска картичка „револут“ (Revolut). Оние граѓани што ќе се одлучеа да „инвестираат“, требаше да следат на својот мобилен телефон кога ќе добијат сигнал на апликацијата и да потврдат дека го добиле. Учесниците во платформата раскажуваат дека секој „инвеститор“ вообичаено добивал два сигнала на ден, но ако вклучил повеќе луѓе (кои се приклучиле во шемата), следувале дополнителни сигнали. Со секоја потврда на сигналот, сметката на „инвеститорот“ растела, па колку повеќе добиени сигнали толку подинамично растела сумата на сопственото конто на „инвеститорот“. Соговорниците во Сплит истакнуваат дека на одреден број граѓани парите навистина им биле исплатувани, но тие имале среќа да влезат меѓу првите во играта. Додека голем број „инвеститори“ што се амбицирале за поголеми добивки и одлучувале повеќе да инвестираат и повеќе да чекаат, неделава останаа „со покуси ракави“ и полесни на своето банковно конто за неколку илјади евра. Вкупната сума на вшмукани средства во пирамидалната штедилница сѐ уште не е позната.
Експертите ја идентификуваат измамничката платформа наречена Понзиева шема
Експертите предупредуваат – ова е класична Понзиева (пирамидална) измама. Организаторот привлекува инвеститори со ветување за брза и лесна заработка.
– Она што се обидуваат да го направат е да го добијат првиот сет луѓе што ќе ѝ се приклучат на шемата и кои ќе инвестираат пари – вели Златан Мориќ, раководител на одделот за сајбер-безбедност на Универзитетот „Алгебра Бернајс“.
Оние што влегуваат на почетокот, тие и заработуваат нешто – за да можат организаторите да докажат дека тоа е легитимна работа.
– Кога првата група луѓе почнуваат да остваруваат некаков профит, тогаш ја шират приказната со своите контакти, односно луѓе што ги познаваат, па се приклучуваат нови, кои и натаму регрутираат нови граѓани… Сè додека работи геометриската прогресија и додека новоприклучените во шемата привлекуваат повеќе нови вложувачи, има доволно средства за плаќање – вели Мориќ, бидејќи новите плаќања се користат за плаќање на оние што се приклучиле порано. Кога приливот почнува да опаѓа – се прогласува банкрот, а луѓето остануваат без пари, а подоцна тие често се јавуваат кај жртвите со желба да им помогнат да ги вратат парите. Но тоа е исто така измама.
Надлежните служби во Хрватска започнуваат истрага за случајот.
И во Албанија и во Србија истата измамничка шема со пирамидално штедење згасна речиси истовремено
Целата шема беше доста убедлива, но не и непозната во светот. На пример, истата таа неодамна беше видена во Албанија, каде што илјадници луѓе беа измамени. Оние што добија пари во групата објавија снимки од екранот од своите добивки, награди во форма на плаќање сметки во ресторани и слично, сè со цел да се прошири гласот за платформата што цветаше сè додека не експлодира.
– Убаво беше додека траеше, а знаевме дека нема да трае долго – изјави за „Сиб.хр“ еден член на оваа платформа, кој успеа да заработи пари, додека други се тешеа дека никој не ги принудил да инвестираат, што можеше да биде од 1.000 до максимум 10.000 евра.
За поголеми инвестиции, за сè да изгледа што е можно поубедливо, мораше да се бараат посебни одобренија од организаторите.
Ангел Митревски, наш постојан соработник од Сплит, Хрватска