Албанија

Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, за нов шеф на албанската држава го предлага Кимет Фетаху. Според лидерот на партијата, Васил Стерјовски, предлогот е доставен до претседателката на парламентот, Линдита Никола, како и до координаторите на пратеничките групи на Социјалистичката партија, Таулант Бала, на Демократската партија, Енкелејд Алибеај, на Сојуз за промени, Фатмир Медиу, и до Месила Дода, координаторка на пратеничката група „За демократија и интеграција“.
– Македонска алијанса за европска интеграција, како единствена партија што ја претставува македонската заедница во Албанија, дава свој придонес во рамките на консултативниот процес за избор на шеф на државата со кандидатурата на Кимет Фетаху за функцијата претседател на Република Албанија – стои во дописот на МАЕИ.
Кимет Фетаху е роден во 1955 година во селото Требиште, во областа Голо Брдо. Тој е доктор на науки, универзитетски професор и македонски општественик во Република Албанија. Има завршено универзитетски студии во Народна Република Кина и во Албанија, во насоката рударство и збогатување на минерали. Тој е активен во организирањето на Македонците во Република Албанија, особено по падот на диктаторскиот режим, во 1990 година. Во 1991 година тој ја формира организацијата на Македонците од Албанија, „Братство“, која во 1993 година е преименувана во „Мир“, чиј претседател е сè уште. Исто така е директор на Центарот за етнички истражувања во Тирана.
Мандатот на актуелниот претседател на Албанија, Илир Мета, завршува на 24 јули, а новиот, парламентот треба да го избере до крајот на месецов. Лидерот на владејачките социјалисти и премиер Еди Рама упати апел до сите политички субјекти и граѓанскиот сектор да достават предлози.

Подготвил: Митко Јовановски